СОЛУНСКИ КОНГРЕС

Одлука за сеопшто востание

Општиот конгрес на Тајната македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО), кој се одржал во Солун во периодот меѓу 2 и 4 јануари 1903 година, отворил нова судбинска страница во историјата на македонскиот народ. Под влијание на последиците од врховистичките провокации со т.н. Горноџумајско „востание“ и Јанковата „востаничка“ провокација во Југозападна Македонија од 1902 година, како и заканите за ново исфорсирано востание, потоа големиот број афери и провали кои предизвикале откривање и затворање на видни членови на Организацијата, меѓу нив и членови на Централниот комитет (ЦК), како и поради раздвиженоста на дипломатијата во врска со прашањето за реформи во Македонија, уште кон крајот на 1902 година било отворено прашањето за востание во Македонија.
Споменатото прашање било поставено и решено на Солунскиот конгрес на Организацијата, каде по долгата дискусија која се развила меѓу присутните делегати била изгласана одлука за сеопшто востание во Македонија во 1903 година, без да се определи датумот за негов почеток. Последните подготовки и определувањето на точниот ден за започнување на востанието требало да се извршат на окружните комитети. Тие биле задолжени да свикаат свои конгреси на кои уште еднаш ќе се разгледа прашањето за востание и мерките што треба да се преземат за негово реализирање.
Значењето на Солунскиот конгрес е во тоа што го покренал и трасирал круцијалното прашање за сеопшто востание кое било вгнездено уште во првите правни акти на Oрганизацијата. Секако, сосема е друго прашањето колку истиот одговорил на својата историска задача, односно, како ja проценил историската тежина за зрелоста на условите за успех, степенот на подготвеноста, внатрешно-политичката ситуација и погодноста на меѓународната клима, поточно, колку правилно го идентификувал времето и начинот за реализација на едно „сеопшто – стратешко востание“.

Солун
Солун
Егзархиската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ во Солун каде се одржал Солунскиот конгрес
Егзархиската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ во Солун каде се одржал Солунскиот конгрес

Прочитајте повеќе...

Scroll to Top
Skip to content