СМИЛЕВСКИ КОНГРЕС

Конгрес на Битолскиот револуционерен округ

Одлуката за востание во Битолскиот револуционерен округ била изгласана на Окружeн конгрес кој се одржал во битолското село Смилево од 2 до 7 мај 1903 година под претседателство на Даме Груев, кој бил ополномоштен од Централниот комитет во Солун да го претставува на Конгресот. Во врска со одлуката за востание на Конгресот бил избран Главен штаб (ГШ) составен од три рамноправни членa: Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев и тројца нивни заменици. ГШ бил задолжен да го определи денот на востанието во Битолскиот револуционерен округ, да раководи со подготовките за востание и со самото востание. За успешно изведување на востанието Конгресот донел одлука Битолскиот револуционерен округ да се подели на 10 револуционерни реони: Битолски, Лерински, Костурски, Преспански, Ресенски, Охридски, Кичевски, Демирхисарски, Крушевски и Прилепски. За секој реон бил избран Востанички штаб од 3 до 5 члена. Во однос на стратегијата и начинот на водење на востанието било решено тоа да има „партизански карактер“, со едновремено востанување на сите вооружени сили. Било одлучено на денот на востанието четите да ги прекинат патните, телеграфските и поштенските врски, да го разоружуваат турското население, да ги напаѓаат државните згради и османлиските вооружени единици, но било забрането да се напаѓа мирното турско население и слично. На крајот бил усвоен Востанички дисциплински устав кој ги уредувал правата, должностите и одговороста за сите учесници во востанието, почнувајќи од обичните востаници, до највисокото раководно тело ‐ Главниот штаб. Според одлуката на Конгресот, ГШ го утврдил датумот за почеток на востанието во Битолскиот округ на 2 август 1903 година, на православниот верски празник Св. Илија, од каде што подоцна дошло името Илинденско востание.

Село Смилево, Битолско
Село Смилево, Битолско
Членовите на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ: Дамјан Груев (1871 - 1906), Анастас Лозанчев (1870 - 1945), Борис Сарафов (1872 - 1907)
Членовите на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ: Дамјан Груев (1871 - 1906), Анастас Лозанчев (1870 - 1945), Борис Сарафов (1872 - 1907)

Прочитајте повеќе...

Scroll to Top
Skip to content