ОРУЖАРСТВО

Прашањето за формирање и вооружување на воените сили на Македонската револуционера организација, кое се наметнало уште од нејзиното создавање во 1893 година, во периодот непосредно пред почетокот на Илинденското востание избило во прв план и прераснало во главна задача на организацијата. Вооружувањето се вршело преку највисоките органи на ТМОРО, а се одликувало со: организирано наоѓање сопствени финансиски средства; воведување системност, односно набавка на одреден систем на оружје и муниција; масовност, поголема организираност и пронаоѓање нови извори за снабдување со оружје. Главна улога во снабдувањето со оружје имале четите и месните раководства што ја организирале соработката со работилниците за оружје, што станале база за производство и складирање на оружје и муниција за организацијата. Купувањето и производството на оружје било максимално засилено. Се организирале тајни работилници за изработка на оружје, леење бомби и куршуми.
Од големо значење во ова време било пушкарството, што особено било развиено во Западна Македонија. Градот Тетово, како еден од главните центри на оружарството, со долга традиција во пушкарскиот занает, во 1903 година располагал со околу четириесет работилници за оружје. Во некои од нив тајно се изработувало и поправало оружје за организацијата. Тајни илегални работилници за оружје биле организирани и во Гостивар, Дебар, Охрид, Струга, Битола, Скопје и Крушево, каде што по наредба на крушевскиот востанички штаб била организирана работилница за поправка и изработка на делови за повеќе видови пушки, како и леарница на куршуми од различен калибар. Работилница за оружје била организирана и во селото Селце, Крушевско. Покрај поправката на оружје и леењето бомби и куршуми, времето на Илинденското востание е обележано и со изработката и употребата на таканаречените пропагандни оружја, односно познатите дрвени црешови топови.

Подземна работилница во градот Битола
Подземна работилница во градот Битола

Прочитајте повеќе...

Scroll to Top
Skip to content