1914 - 1918 ВРЕМЕПЛОВ

МАКЕДОНСКИ ФРОНТ - СОЦИО-ЕКОНОМСКА СОСТОЈБА

1914
МОБИЛИЗАЦИЈА

Од сите делови на Македонија биле мобилизирани околу 200.000 војници, кои се нашле од двете страни на фронтовата линија. Србија мобилизирала околу 50.000, Бугарија околу 120.000 и Грција околу 20.000 војници.

1915
ПОЗИЦИОНИРАЊА

Во периодот од октомври 1915 до септември 1918 година, јужно од фронтовата линија биле стационирани силите на Антантата (француски, српски, британски, руски, италијански и грчки војски), а северно биле Централните сили (бугарски, германски и австро-унгарски). Вкупно од двете страни биле стационирани околу 1.200.000 војници.

ЦИВИЛНО НАСЕЛЕНИЕ
Мајка со деца

Проценето е дека 16.7% - 27.8% од вкупното население во тогашна Србија (со Вардарска Македонија) не ја преживеало војната, што е највисок процент на жртви. Во некои села во Мариово на пример, според некои автори смртноста била од 50-80%, а особено биле погодени градовите Битола и Дојран, кои биле скоро во целост разрушени. Цивилното население било особено погодено од војната, пред се од заразните болести. Лошите хигиенски навики и раздвиженоста на војските, придонеле за полесно ширење на заразните болести. Маларијата била веќе широко распространета во Македонија каде маларичните предели опфаќале околу 70% од плодното земјиште, на кое живеело 92-94% од вкупното население. Инфлуенца (Шпански грип) – проценето околу 50-100 милиони жртви.

СТРАНСКИ МЕДЕЦИНСКИ МИСИИ

За време на Балканските и Првата светска војна на Балканот се соочувале со недостатокот на медицински персонал. Малку на број, дел од медицинските лица загинале борејќи се со заразните болести, а скоро сите од нив биле ставени во функција на војската. Поради катастрофата со која се соочувала Србија, на Балканот пристигнале разни медицински мисии како Болницата на Шкотските Жени (SWH), American Womans Hospital (AWH), Црвен Крст итн. Дел од нив останале во Македонија и Србија и по завршувањето на војната.

1818
ПРИМИРЈЕ

Првата светска војна започна на Балканот, но може да се каже дека на Македонскиот фронт на Добро Поле, на 15 септември 1918 година, започнал незапирлив процес на слабеење на Централните сили, кој го навестил крајот на Големата војна. Неколку дена по оваа битка, на 29 септември 1918 година во Солун, било склучено примирје меѓу штабот на командата на сојузничката источна војска и делегацијата на бугарската влада. На 30 октомври 1918 година во Мудрос е потпишано примирјето помеѓу Османлиската Империја и силите на Антантата, а примирјето со Австро-Унгарија било потпишано на 3 ноември 1918 година. Како резултат на сите околности Германија го потпишува примирјето на 11 ноември 1918 г., во францускиот град Компјењ (Compiègne).

Scroll to Top
Skip to content