Изложбата во чест на Милка Ефтимова

Изложбата Милка Ефтимова ќе биде отворена во Музејот на македонската борба за самостојност во петок, 15 декември, со почеток во 20 часот.

Ексклузивно ќе бидат претставени дел од личните предмети коишто се донација од Милка Ефтимова, а ќе бидат изложени во фоајето на музејот.

Сцена од операта Дон Карлос

Милка Ефтимова е оперски и концертен уметник, алт и мецосопран певица, доајен на македонската опера и амбасадор на македонската уметност и култура во светот.
Вокален солист, кој отпеал четириесет оперски улоги , многубројни партии во ораторијални дела и соло изведби. Уметник кој повеќе од 1200 пати застанал на оперската и концертната сцена, во дваесетина земји низ светот. Од оперската сцена јубилејно се простила со Кармен на 06.11.1991 година. Била редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, наставник на Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и Средното музичко училиште во Штип.

Во нејзината богата оперска кариера одликувана е со наградите: “11 Октомври” (1985), “Св.Климент Охридски” (2001), „Мајка Тереза“ (2009), како и Орден за заслуги на Република Северна Македонија (2022).

 

4 Видео посветено на Милка Ефтимова од музејскиот проект Неколку нијанси женски приказни

Автор на изложбата е Василија Чали – соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.

На отворањето на изложбата ќе се обратат директорката на Музејот м-р Даниела Николова и д-р Александар Трајковски.

Изложбата е отворена за посетители до 15 јануари 2024.

Scroll to Top
Skip to content