Борба и страдањa во Музејот на македонската борба

На 12 септември, во 19 часот, во Музејот на македонската борба свечено беше отворена изложбата Борба и страдање. Полските граѓани во Втората светска војна.

Изложбата е во организација на Амбасадата на Република Полска во Скопје и е сеќавање на 80 години од почетокот на Втората светска војна, трагичен настан кој предизвика незапамтена катастрофа во историјата на човештвото.

На свеченото отворање, во присуство на голем број гости, се обратија Н.Е.  Амбасадорот на Република Полска, г-дин Војциех Тицињски кој истакна „Изложбата која ја отвораме денес, нè потсетува на овие трагични настани од пред 80 години. Таа покажува до што може да доведе недостатокот на демократија, тоталитаризмот, експанзионизмот, непочитувањето на правата на другите народи и, конечно, расизмот. Оваа изложба има едукативна димензија, во која се прикажани фрагменти од најтрагичниот период во европската историја. Претставувајќи ја во 80 градови низ целиот свет сакаме да им оддадеме почит на сите жртви, не само на полскиот септември 1939 година, туку и на целата Втора светска војна која започна во Полска.

 

Заменикот амбасадор на Германија, г-дин Ото Граф, ги поздрави присутните и констатираше дека „Поимајќи се себеси како европско семејство и не земајќи ги нашите достигнувања како загарантирани, мора да продолжиме да соработуваме за добрососедски односи и за нашата заедничка иднина. Сеќавајќи се на почетокот на Втората светска војна не треба да капитулираме пред злоделата што таа ги донесе за премногу луѓе во Европа. Тоа би требало да е повеќе поттик да се продолжи да се работи напорно за подобра заедничка иднина“.

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, официјално ja отвори изложбата и истакна дека „Војната завршува веднаш штом ќе престане оружјето, но ефектите се чувствуваат со генерации. Полско-германското помирување преку соочување со вистината за минатото, но и со визија за заедничка иднина во обединета Европа е пример за сите нации во Европа и во светот. Ако Полска можеше да го отвори патот за помирување, простување и заздравување со Германија по сè што помина, тогаш секоја европска држава може да го стори истото.

Изложбата ќе биде поставена во НУ Музејот на македонската борба за самостојност до 20 септември.

Scroll to Top
Skip to content