Реализиран проектот „ФОКУС“

НУ Музеј на македонската борба за самостојност го реализира проектот „ФОКУС“ (FOCUS-Fostering Of Capacities for Unique Senses experience for visitors).

Проектот, поддржан од Балканска музејска мрежа ( Balkan Museum Network) преку програмата за мали грантови и Хедли траст од Велика Британија, наскоро ќе промовира десет тактилни слики, со цел доближување на предметите од постојаната музејска поставка до слабовидните и лицата со оштетен вид.

На панели со димензии 100 см х 70 см претставени се тактилна слика и опис на предметот на Брајово писмо, фотографија и краток текст. За предметите изработени се видеа на знаковен јазик и аудио приказни со кои посетителите ќе имаат можност да слушнат и дознаат повеќе информации за предметите, без оглед на попреченоста.

Аудио и видео материјалите ќе бидат достапни на нашата веб локација, на социјалните медиуми и на YouTube, како и во постојаната поставка каде поврзувањето ќе биде овозможено со скенирање на QR код.

Со проектот Фокус музејот успешно ја спроведува својата мисија за унапредување на пристапноста и инклузивноста на постојаната поставка, преку креирање музејски содржини достапни за сите. Овој процес продолжува и во иднина согласно современите музејски трендови каде инклузивноста и пристапноста се врвни приоритети во долгорочните стратегии на секој музеј.

Реализација: д-р Ирена Ружин, раководител на проектот, м-р Јове Парговски – тактилни слики, Катерина Шаркоска – интерпретација на знаковен јазик, Андријана Шокларовска – текст на Брајово писмо, д-р Силвана Петрова Насух – наратор, Михаил Марковски – аудио и видео монтажа, Гимел студио, Александар Котевски Дримкаст студио, Студио Кочов.

Опис на предмети и стручни консултации: Даниела Николова, кустос-советник; Коле Киселиновски, документатор; Владимир Јаневски, етнолог; Фима Трајковска, кустос-советник, адаптација на текстови Ана Вишинова, едукатор.

 

Scroll to Top
Skip to content