ИДЕОЛОГИЈА, КАРАКТЕРИСТИКИ, ПЛАТФОРМА
ЗА СТРЕМЕЖОТ КОН МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВНОСТ
Во оваа глобална војна од самиот почеток македонскиот народ застана на страната на антифашистичката коалиција, која се наметна како важен предуслов во натамошните процеси за слобода и државност. Најважен политички фактор, кој ја поттикнуваше мобилизацијата на народот беше Комунистичката партија на Југославија (КПЈ), односно Покраинскиот или подоцна преименуваниот Централен комитет на Комунистичката партија во Македонија (ЦК на КПМ). Во развојот на македонската националноослободителна платформа доминантни беа барањата за ослободување и обединување на македонскиот народ, кои се базираа на принципите гарантирани со Атлантската повелба (14 август 1941 г.) и одлуките од Техеранската конференција (28 ноември – 1 декември 1943 г.). Идејните гледишта за македонското прашање беа дефинирани со решенијата донесени на Преспанскиот состанок (2-4 август 1943 г.) и преточени во Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ. Сепак, развојот на НОБ беше директна последица на сојузот на селанството и работничката класа, како и растот, бројноста и борбеноста на македонската војска. Илинденска традиција пак, во која се вткаени семејните врски помеѓу предците – илинденци и потомците – партизани стана најпрепознатлива карактеристика за македонскиот народ во текот на оваа војна.





