Жената во Македонија низ времето

НУ Музеј на македонската борба, во соработка со НУ Археолошки музеј на Македонија и Ансамбл Македонија, организира вонмузејска поставка на артефакти, носии и инсталации за жената во Македонија насловена како „ЖЕНАТА ВО МАКЕДОНИЈА НИЗ ВРЕМЕТО“ во Сити мол во Скопје.

Изложбата се организира по повод Меѓународниот ден на жената 8 март.  

Идејата на изложбата е, покрај одбележување на денот на жената, да се презентираат музејските артефакти надвор од музејските простории. Овој пат изборот е скопскиот Сити мол, едно од најфреквентните места во градот, каде граѓаните ќе имаат можност да се доближат до нашето културно наследство на непосреден начин. Изложбата “ЖЕНАТА ВО МАКЕДОНИЈА НИЗ ВРЕМЕТО” преку внимателно одбрани експонати, покрива период од праисторијата, па сè до поновата историја на жената во Македонија. Хрнолошки изложбата ќе претстави осум археолошки експонати насловени како “Праисториските дами од Македонија”, шест историски информативни табли каде ќе биде претставена  „Жената борец за државност и самостојност“  преку ликовите на Вера Јоциќ, Ибе Паликуќа, Естреја Хаим Овадија – Мара, Сирма Војвода, Константина Настева Бојаџиева – Русин­ска, како и пет експонати кои ја отсликуваат македонската жена низ фолклорот.

Изложбата ќе може да се погледне од 7 до 14 март во атриумот на приземјето на трговскиот центар, кој за оваа цел ќе биде адаптиран како музејска галерија. Ве очекуваме во Сити мол, на заедничко патување со Жената во Македонија низ времето.

Scroll to Top
Skip to content