Свечено отворена изложбата „Свети новомаченици од Јасеновац во светлината на воскресението“

Изложбата на Музејот на жртвите на геноцидот со наслов „Свети новомаченици од Јасеновац во светлината на воскресението“, беше свечено отворена, вчера, 16 ноември, во НУ Музејот на македонската борба за самостојност.

За време на свеченото отворање, пред бројната публика се обратија директорката на Музејот на македонската борба за самостојност, г-ѓа Даниела Николова, директорот на Музејот на жртвите од геноцидот, г. Дејан Ристиќ, историчарката на уметност проф. д-р Јелена Ердељан, нејзината екселенција Амбасадорката на Република Србија во Република Северна Македонија, г-ѓа Невена Јовановиќ, Неговото Високопреосвештенство епископот Пакрачко-славонски Г. Јован и г. Адам Шукало, личен пратеник на претседателот на Република Србија, г. Александар Вучиќ.

Изложбата се состои од дела на монахињата Марија (Антиќ), член на сестринството на манастирот Раѓање на свети Јован Крстител (Јасеновац, Хрватска), дел од Српската православна епархија Пакрац-Славонија, кои се инспирирани од вистинските и трагични настани што се случиле во Јасеновац за време на Втората светска војна. Изложените дела на авторката, која е калуѓерка, а не обучен визуелен уметник, се базирани на иконографските традиции и измешани со наивното, но содржат и суптилна врска со реалистичкото сакрално сликарство на Христијанската православна црква и најдобрите традиции на школата за иконопис

Изложбата е придружена со двојазичен српско-македонски каталог и луксузна српско-англиска монографија посветена на делото на калуѓерката Марија, чија авторка е еминентната историчарка на уметност, д-р Јелена Ердељан, редовен професор на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград.

Реализацијата на изложбата е овозможена од Министерството за култура на Република Србија и Фондацијата на Музејот на жртвите на геноцидот, а поддржана од Амбасадата на Република Србија во Република Северна Македонија и Српскиот културно-информативен центар „СПОНА“ во Скопје.

Фотографија: Денис Јагџи

Scroll to Top
Skip to content