Изложба по повод 120 години од Илинденското востание

НУ Музеј на македонската борба за самостојност ви ја претставува музејската изложба “Градење на македонската државност“ поставена во изложбениот простор на музејот.

По повод 120 години од Илинденското востание и создавањето на Крушевската Република, изложбата преку 26 врамени паноа ги одбележува овие клучни историски настани кои го одразуваат врвниот дострел на борбата на македонскиот народ за слобода и државност. Изложбата ќе биде отворена за посетители до 5 октомври 2023 година.

Начелата на Крушевската Република и Манифестот прокламираа долготрајни процеси – започнати пред Илинден 1903, продолжени по АСНОМ-скиот Илинден 1944, за да стигнат до Уставот на Република Македонија во 1991. Столетниот европски контекст на македонската опстојба и државност, својата иднина, како логична последователност, jа насочи кон европскиот заеднички дoм.

Повеќе за изложбата од предговорот на директорката на НУ Музеј на македонската борба за самостојност, м-р Даниела Николова.

 

ГРАДЕЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВНОСТ

НУ Музеј на македонската борба за самостојност на непосреден и автентичен начин ја претстави оваа изложба, откривајќи ги историските процеси во еден значаен период во градењето на македонската државност.

Во процесот на поставувањето на темелите на современата македонска држава – етаблирањето на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) е клучен настан и го означува почетокот на државно-правниот развој во процесот на градење на македонската државност. АСНОМ е резултат на Антифашистичката и народноослободителна борба на македонскиот народ во текот на Втората светска војна, како и израз на илинденските традиции на кои се повикуваат партизанските единици. Притоа, општ методолошки постулат за поединечните научни пристапи е тезата дека свикувањето на Првото заседание на АСНОМ претставува клучен пресвртен миг во развитокот на македонското националноослободително движење, кој ги сублимира неговите веќе достигнати резултати од времето на ослободителните востанија од крајот на XIX век, Илинденското востание од 1903 година. Тоа е круна на антифашистичката НОБ, во чиј тек е остварена брза кристализација на македонската национална свест и самобитност.

Првото заседание на АСНОМ е најзначаен настан во историјата на Македонија во XX век, со донесувањето на одлуките на АСНОМ и првиот Устав на Народна Република Македонија од 1946 година и се потврдува правната основа за суверенитетот на Република Македонија

Точно пред 120 години, на 2 август 1903, во името на севкупното население во Македонија со најширок социјално-политички фундус, со биењето на камбаните и со востаничкото знаме се крена Илинденското востание. Како најразвиен облик на востаничката парадигма, во десетте дена на Крушевската Република беше направен револуционерен обид да се премости длабокиот балкански феудален амбис и да се втаса до европска граѓанска држава. Тоа се одредници што го прават Илинден 1903 автентичен и автономен историски настан со висок вредносен еквивалент во градивното ткиво на идентитетот на Република Македонија.

Симплифицираниот пресек на столетното зрачење на илинденскиот код за државност во својата крајна консквенца има за цел да појасни два фундаментални сегмента од историското минато на македонскиот народ:

Првиот – да ги одбележи историските меѓници: епохата на ИЛИНДЕН (ТМОРО, “гемиџиите”, востанието, Крушевската Република, Манифестот, “Мечкин Камен” и “Слива”; Невеска и Клисура); Балканските војни: Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија; колонизацијата;  Народноослободителната и антифашистичката војна (1941-1945), обзнаната на конституирањето на Федерална Демократска Република Македонија со АСНОМ во 1944 година, осамостојувањето на Република Македонија во 1991; и

Вториот – филозофиjата на опстоjбата на Македонецот. Тој ги преживеа  517-те години под владеењето на Отоманската Империја, двете балкански и двете светски воіни, поделбите и етничкото чистење, увезениот фашизам и геноцидот над Евреите, силното антифашистичко и комунистичко движење и упорно настојува, ползувајќи го искуството на толеранцијата на соживот со сите етникуми коишто живеат во Македонија, да се зачува од поклопувањето на интересите на соседите околу Македонија.

Начелата на Крушевската Република и Манифестот прокламираа долготрајни процеси – започнати пред Илинден 1903, продолжени по АСНОМ-скиот Илинден 1944, за да стигнат до Уставот на Република Македонија во 1991. Столетниот европски контекст на македонската опстојба и државност, својата иднина, како логична последователност, jа насочи кон европскиот заеднички дoм.

 

Scroll to Top
Skip to content