Свечено отворена изложбата посветена на Владимир Полежина

На 16 јуни, во Музејот на македонската борба за самостојност беше отворена изложбата Владимир Полежина (1912-1980) од авторот м-р Илија Василески, водич историчар.

На свеченоста, пред бројните присутни гости, се обратија Анче Илиевска, в.д. директорка на Музејот на македонската борба, рецензентот Александар Симоновски, професор на Институтот за национална историја, авторот м-р Илија Василески, како и претставници на семејството Полежина.

Модератор на отворањето беше Софија Ангелова-Левајковска.

Изложбата содржи оригинални фотографии, документи и лични предмети, како и неговото лично досие од Управата за државна безбедност на Југославија, но и досега необјавувани материјали, со кои се протретира ликот и делото на Владимир Полежина, како и неговата улога и неговите заслуги во втемелувањето на македонската држава.

Владимир Полежина бил исклучителен интелектуалец, доктор на правни науки од Сорбона, Франција,  учесник во Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија, член на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија и на Комунистичката партија на Македонија до 1951 година, делегат на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Југославија, делегат на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, но и лице кое е репресирано на линија на Информбирото.

Изложбата се реализира во сеќавање на 45 години од неговата смрт, и ќе биде отворена за јавноста до средината на август.

Музејот се заблагодарува на семејството Полежина за соработката во реализацијата на изложбата.

Scroll to Top