Музејот на македонската борба за самостојност беше дел од Годишната конференција на Европската мрежа на музејски асоцијации – НЕМО.
Конференцијата се одржа од 26 до 29 октомври во Хорсенс, Данска, на главната тема Кој се грижи? Музеите, благосостојбата и отпорноста. Повеќе од 300 музејски професионалци од 39 земји од Европа и светот во тридневната инспиративна програма дискутираа за актуелните трендови и предизвици со кои се соочуваат музеите денес. Истовремено, беа поставени и главните трендови за правецот во кој ќе се развиваат овие културни институции во иднината.
Предавањата и работилниците беа фокусирани на тоа како музеите можат да придонесат кон благосостојбата на заедниците, преку поттикнување на креативноста, развивање на критичкото размислување, посветеноста кон доживотното учење, иновациите, пристапноста и инклузивноста…
Претставник на Музејот за македонската борба за самостојност беше советникот за меѓународна соработка и односи со јавноста, Маја Миноска-Павловска.
Учеството на конференцијата е поддржано од Министерството за култура и туризам, во годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за 2025 година.






