На 10 јули, во Музејот на македонската борба за самостојност, беше отворена изложбата Македонија во светот на Хералдиката од авторите Иван Нацевски и Јован Јоновски од Македонското грбословно друштво.
Изложбата ја претставија Анче Илиевска, в.д. директор на Музејот на македонската борба за самостојност и Горан Ангелов, директор на Агенцијата за иселеништво.
Во оваа прилика, на Музејот на македонската борба за самостојност му беше доделена Благодарница за придонесот кон изложбата од Македонското грбословно друштво, која ја прими директорката Илиевска.
На отворањето на изложбата беше промовирана книгата „Гласник” (Хералд) од авторот Ставре Џиков.
На изложбата се претставени повеќе од 70 грба поврзани со Македонија, почнувајќи од 14 до 21 век, а се состои од 35 панели во два дела. Првиот дел е за историски грбови поврзани со Македонија од 15 до 18 век, поделен во три дела: грбовите на Македонија од европските и илирските грбовници, на кралот на Македонија, припишаниот грб на Александар Македонски и принцот Македон од Ематија. Вториот дел е за современи македонски грбови, поделен во три дела: грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови.
Фотографии: Димитриј Михајловски









