Отворена изложбата „Од чета до армија“

Изложбата „Од чета до армија“ на авторот м-р Бојан Трпевски беше отворена на 15 август во НУ Музеј на македонската борба за самостојност.

Преку примероци на оружје, фотографии, документи и други материјали, изложбата ги претставува клучните етапи од процесот на создавање на македонските вооружени сили – од османлискиот период и ајдутството како прв вооружен отпор во Македонија, преку првите македонски вооружени востанија, појавата на Четничкиот институт на Македонската револуционерна организација, партизанските движења во текот на НОБ, македонската војска како дел од ЈНА и создавањето на македонската армија во независната македонска држава како еден од најважните столбови на државниот суверенитет и независност.

Изложбата беше отворена од в.д. директорката Анче Илиевска, со пригодни говори од проф. д-р Андреј Илиев од ,,Воената академија ген. Михаило Апостолски” како и авторот на изложбата м-р Бојан Трпевски.

Двете институции интензивно соработуваат во доменот на образовната и научноистражувачката дејност со најава за продлабочување на соработката.

Стручни соработници во реализацијата на изложбата се Дарко Трпевски, Владо Кузмановски и м-р Илија Василески.

Изложбата е поддржана од Годишната пограма за национален интерес во културата на Министерството за култура и туризам за 2025 и ќе биде отворена за публиката до крајот на септември.

Изложбата се организира по повод Денот на армијата, 18 август.

Scroll to Top