Eксклузивната изложба Владимир Полежина 1912-1980, од авторот м-р Илија Василески, водич историчар, ќе биде поставена во понеделник, 16 јуни 2025, во 19.30 часот.
Низ оригинални фотографии, документи и лични предмети, како и неговото лично досие од Управата за државна безбедност на Југославија и досега необјавувани материјали, изложбата го протретира ликот и делото на Владимир Полежина, како и неговата улога и неговите заслуги во втемелувањето на македонската држава. Исклучителен интелектуалец, доктор на правни науки од Сорбона, Франција, учесник во Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија, член на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија и на Комунистичката партија на Македонија до 1951 година, делегат на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Југославија, делегат на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, но и лице кое е репресирано на линија на Информбирото.
Изложбата се организира по повод 45 години години од смртта на Владимир Полежина и ќе биде отворена за публиката до средината на август.
Музејот на македонската борба изразува голема благодарност до семејството Полежина за соработката во реализацијата на изложбата.




