Едукациска работилница „Биди кустос на еден ден“

Едукациската работилница „Биди кустос на еден ден“ ќе се одржи во понеделник, 3 март 2025, со која ќе се промовираат резултатите од реконципирањето на постојаната музејска поставка во периодот Македонија во Втората светска војна.

Во работилницата ќе учествуваат долгогодишните соработници од основното училиште Јохан Хајнрих Песталоци од Скопје –  учениците од деветто одделение и наставничката Бранка Димовска Коцева. Под водство на м-р Данијела Трајкова Крстиќ, виш кустос во музејот, ќе се проучуваат музејски предмети и приказни поврзани со најсветлиот период од македонската национална историја – Народноослободителната и антифашистичка борба.

Учениците ќе имаат ексклузивна можност, да истражуваат и презентираат историски факти и предмети, и да ја доживеат возбудливоста и привлечноста на работата на кустосите во музеите.

Проектот е дел од Годишната програма на музејот за минатата година, кој се реализира со поддршка на Министерството за култура.

Scroll to Top