Денот на формирањето на АРМ ќе биде одбележан со серија активности во Музејот на македонската борба за самостојност во недела, 18 август.
Во чест на Денот на армијата, во текот на целиот ден во музејот посетителите ќе можат да проследат специјална видео презентација на нашиот проект „Од чета до Армија“ на авторите Бојан Трпевски, Анче Илиевска, Дарко Трпевски и Владо Кузмановски. Овој проект беше дел од годишната програма на Музејот за 2023 година, а ги опфаќа клучните историски точки во формирањето на армијата – од првите форми на вооружен отпор во османлискиот период, преку револуционерните чети на МРО, па сѐ до формирањето на партизанските одреди во Втората светска војна и НОБ. Овој процес е јасно претставен и во постојаната поставка на музејот. Во недела, на 18 август, со секој купен билет музејот доделува печатен примерок од каталогот Од чета до Армија.
Годинава одбележуваме 32 години од формирањето на АРМ. На 18 август 1943 година, на Славеј Планина, бил формиран баталјонот “Мирче Ацев”, ден што АРМ го одбележува како свој роденден.
Современата македонска армија почнува да се формира по осамостојувањето на државата. Пред 32 години, во 1992 година, тогашниот претседател Киро Глигоров, потпиша договор со раководството на ЈНА, за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.



