Отворена изложбата „Анатомија на муралот – Илинден 1903, Борко Лазески“

Изложбата „Анатомија на муралот – Илинден 1903, Борко Лазески“ свечено беше отворена на 31 јули 2024 година во Музејот на македонската борба. Со овој настан музејот го одбележа големиот национален празник Илинден, на кој славиме 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ, темелникот на македонската државност.

Во присуство на голем број гости, изложбата ја отвори Зоран Љутков, министер за култура и туризам, кој истакна дека е горд на нашето културно наследство и на делата што ги промовираат и ги зачувуваат нашите историски настани и личности. Нашата улога е, додаде тој, да ги поддржиме и да ги охрабриме ваквите иницијативи, кои не само што го збогатуваат нашето културно богатство туку и ја зајакнуваат нашата национална свест.

По повод одбележувањето на двата Илиндена, на присутните им се обрати и проф. д-р Далибор Јовановски од Филозофскиот факултет, кој направи краток историски пресек за значењето на Илинденското востание и на АСНОМ, потенцирајќи дека нашата обврска кон нашите предци, но и кон нашите деца и потомци е работа и борба и внесувања не земјата на мапата на инвентивни и развиени нации.

Во името на музејот, публиката  ја поздрави Анче Илиевска, в.д. директор на Музејот на македонската борба за самостојност, која нагласи дека „ македонските партизани и борци го истакнаа континуитетот во борбата и идејата за државност, поврзувајќи ги претходните борби и илинденските традиции со тековната антифашистичка и народноослободителна борба од која се роди современата македонска држава“. Во обраќањето на м-р Бојан Трпевски, водич во музејот, потсети на главните одлуки донесени на АСНОМ – Одлуката за прогласувањето на АСНОМ за врховно законодавно и извршно тело на народната власт во Македонија, Декларацијата за основните човекови права на граѓанинот, Решението за воведувањето на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава, како и Решението за прогласувањето на 2 август- Илинден за државен празник.

Авторката на изложбата се осврна на Лазески и судбината на фреската Илинден 1903, нагласувајќи дека „наспроти позадината на ѕидовите, потезите  на уметникот го будат духот на отпорот и  издржливоста  што го дефинираат Илинденското востание. Преку живите нијанси и динамичните композиции на акрилната репродукција, уметникот ја доловува суштината на Илинден, поканувајќи ги  гледачите да сведочат за храброста и пожртвуваноста на оние кои се бореле за слобода“.

Изложбата содржи селекција од 24 скици и  цртежи, изработени од авторот Борко Лазески кои послужиле како план за монументалната фреска Илинден 1903, коишто досега не се изложувани.

Делото е создадено во 1950 година и изложено на Есенскиот салон на Друштвото на македонски ликовни уметници, а истата година е поставено во Домот на ЈНА. Зградата на домот беше разурната  во земјотресот од  1963 година, а фреската Илинден 1903 уништена. По неколку обиди да се обнови,  конечно во 1991 година, Борко Лазески ја реизведува фреската Илинден 1903 според оригиналните шеми, во Хотелот Монтана во Крушево каде се наоѓа и денес.

Изложбата се реализира во соработка со Асоцијацијата за култура ИКОН, со поддршка на Хотелот Монтана од Крушево,  а музејот изразува посебна благодарност до Росица Лазеска, за укажаната доверба.

Во реализацијата на изложбата учествуваат Василија Чали, Елизабета Марковска, Габриела Постолова Бошкова, Ана Китановиќ и Даниела Митевска.

Посетителите ќе можат да ја погледнат до 30 ноември.

Scroll to Top