Промоција на донации – лични фондови на Анте Поповски и на Матеја Матевски

Донации на лични фондови на Анте Поповски и на Матеја Матевски ќе бидат промовирани во НУ Музеј на македонската борба за самостојност на 30 мај 2024, четврток, во 19 часот.

Благодарение на соработката со семејствата Поповски и Матевски, музејот ги збогатува фондовите со подарени материјали за еминентните претставници на втората генерација маке­донски книжевници чии дела оставија силен печат врз општествената и културната сцена во вто­рата половина на 20. век.

Анте Поповски (1931, Лазарополе – 2003, Скопје) е македонски книжевник, поет и есеист, публицист, сценарист, продуцент, преведувач, општественик и академик. Како член на МАНУ и Светската академија на поезијата на Организацијата за образование, наука и култура на Обеди­нетите нации (УНЕСКО), се профилира како еден од афирматорите на македонска книжевна и културна сцена на национално, но и на меѓународно ниво.

Матеја Матевски (1929, Истанбул, Турција – 2018, Скопје) е значајна личност во маке­донската современа литература и култура, поет на европската лирика, есеист, новинар, пре­ве­дувач, литературен и театарски критичар. Истакнат општественик и член на МАНУ од 1970 годи­на со значаен придонес во областа на книжевноста и културата на Македонија.

Активностите се дел од градењето блиски релации со јавноста преку прибирање значајни материјали поврзани со патот до македонска државност и слобода, започнати од отворањето на музејот до денес.

Проектите се дел од годишната програма на музејот за минатата година, реализирани со поддршка на Министерството за култура.

Scroll to Top
Skip to content