Настанот од 11 oктомври 1941 година е неповторлив и клучен историски настан, кој е синоним за отпорот на македонскиот народ и го симболизира официјалниот почеток на Народноослободителната антифашистичката војна (НОАВМ) во Вардарска Македонија. Бескомпромисната борба на партизаните од првиот Прилепски партизански одред и акциите кои тие ги изведоа со нападот на бугарската полициска станица, затворот и прекинот на електричните и телефонски жици, го трасираше борбениот пат кон слободата. Веќе следниот ден, на 12 октомври 1941 година, започнаа вооружените акции и во Кумановско. Во месноста Менкова колиба беше формиран Карадачкиот партизански одред, којшто заедно со Кумановскиот партизански одред формиран во месноста Студена вода ги интензивираше воените дејствија до 17 октомври 1941 година.
Денес, повеќе од 83 години подоцна, 11 октомври 1941 се чествува како „Ден на народното востание“ утврден во „Закон за прогласување на државен празник“ уште од 8 септември 1945 година.
Васка Циривири е родена на 18 октомври 1898 година во Прилеп. Таа е мајка на две ќерки-борци, кои храбро загинаа во НОВ – Вера и Нада Циривири. На 12 декември 1944 година на првата конференција на АФЖ за Македонија е избрана за прв претседател на Главен совет, на чие место останала до декември 1945 година кога на е назначена Вера Ацева. Васка Циривири е носител на „Партизанска споменица 1941″ и на повеќе државни награди и признанија. Починала во Скопје на 13 јануари 1984 година.
Трајко Бошкоски-Тарцан (Голем Радобил, Прилепско, 12 јуни 1918 — Сливник, Велешко,6 јануари 1943) — македонски комунист , првоборец во НОБ, раководел со нападот што прилепските партизани го извршиле во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во декември 1945 неговите останки се пренесени во Прилеп, каде постхумно му е оддадена почит.
Мице Козароски – познат и како Мице Козар (Варош, Прилепско, 24 септември 1910 – Нежилово, Велешко, 19 декември 1942) — македонски комунист, учесник во НОБ, еден од повлијателните припадници на работничкото движење во Македонија помеѓу двете светски војни.
Музејот на македонската борба за самостојност го најавува проектот „Измени и дополнувања на постојана поставка збирка – Македонија во Втората светска војна (1941-1945 )“ од Годишната програма на музејот за 2024г. којшто ќе биде презентиран до крајот на 2024.




