Музејот го реализираше проектот Дигитализација на музејски предмети од збирката „Македонија во Втората светска војна“, со кој се исполнуваат основните и оперативните цели на заштита и се создаваат подобрени и соодветни услови за одржување, чување, трајно зачувување и достапност на музејските збирки за широката публика.
Музејските предмети во овој случај претставуваат документарен материјал во нестандарден формат, од кои првиот – Книга (фото албум) – Rat i revolucija naroda Jugoslavije 1941-1945 и вториот Фото албумот фотографии од НОВ и ПОЈ во Македонија и Југославија во период 1941-1948. Со процесот на дигитализација материјалот е задржан во автентична форма, со сите податоци што со себе ги носи изворот, при што е спречено дополнително физичко оштетување на хартијата која по природа е фрагилна, и создадени се предуслови за поголема ефикасност во истражувањата (истражување по клучни зборови) и подобрена достапност за пошироката публика.
Континуираното збогатување на музејската збирки е резултат и на дополнителнителни истражувања на архивските фондови – 411 Натписи од весници 1919-1941 – и 173 Градски одбор на АФЖ (Kонференција на општествена активност на жените) на Прилеп, во Државниот архив на РСМ Подрачно одделение – Прилеп, чии примарни и секундарни историски извори автентично ќе ги илустрираат музејските предмети кои се дел од оваа збирка.
Проектот, чиј автор е Данијела Трајкова-Крстиќ, виш кустос, е поддржан од Годишната програма за остварување на национален интерес во културата на Министерството за култура и туризам за 2025 година.





