Промовирани личните фондови на Анте Поповски и Матеја Матевски

Донациите од личните фондови на Анте Поповски и Матеја Матевски, беа промовирани, на 30 мај во НУ Музеј на македонската борба за самостојност.

Во присуство на голем број гости од културниот и општествениот живот, музејот презентираше документи, лични предмети, награди и признанија, фотографии и други материјали, коишто претставниците на семејствата Поповски и Матевски ги донираа во музејскиот фонд.

На отворањето на свеченоста в.д. директорката и автор, Ана Китановиќ, која нагласи дека „изложбените композиции од личниот фонд на предмети на Матеја Матевски и Анте Поповски ќе останат трајно дополнување на постојаната музејска поставка, како дел од збирката Македонија по Втората светска војна.

„Убавината на настанот, вечерва е дополнително поголема, бидејќи сите нас нѐ обединува пишаниот збор во творештвото на Поповски и Матевски, како претставници на една „поетска генерација која ги изгради естетските фундаменти за развојот на модерната македонска литература“. Искрено верувам дека книжевното и културното наследство на Поповски и Матевски ќе бидат инспирација за секој посетител, да зачекори во едно не толку далечно време, на места во кои нивното величество зборот и логосот и денес одекнуваат како ехо укажувајќи ни дека (цитат од А. Поповски) дека „ мајчиниот јазик и јазикот со сета своја широчина  е централна поента на она што сме ние како човештво“, истакна вашиот кустос и автор Данијела Трајкова – Крстиќ во своето обраќање до публиката.

Во име на семејствата, на свеченоста се обратија Александар Поповски и Денко Матевски. Музејот и во оваа прилика изразува благодарност до семејствата за укажаната доверба, донирајќи материјали коишто ќе го дополнат музејскиот фонд со материјали за овие двајца истакнати македонски книжевници од втората половина на 20.век.

Анте Поповски (1931, Лазарополе – 2003, Скопје) е македонски книжевник, поет и есеист, публицист, сценарист, продуцент, преведувач, општественик и академик. Како член на МАНУ и Светската академија на поезијата на Организацијата за образование, наука и култура на Обеди­нетите нации (УНЕСКО), се профилира како еден од афирматорите на македонска книжевна и културна сцена на национално, но и на меѓународно ниво.

Матеја Матевски (1929, Истанбул, Турција – 2018, Скопје) е значајна личност во маке­донската современа литература и култура, поет на европската лирика, есеист, новинар, пре­ве­дувач, литературен и театарски критичар. Истакнат општественик и член на МАНУ од 1970 годи­на со значаен придонес во областа на книжевноста и културата на Македонија.

Активностите се дел од градењето блиски релации со јавноста преку прибирање значајни материјали поврзани со патот до македонска државност и слобода, започнати од отворањето на музејот до денес.

Проектите се дел од годишната програма на музејот за минатата година, реализирани со поддршка на Министерството за култура.

Фотографии: Денис Јагџи и Александар Кондев

Scroll to Top
Skip to content