Во чест на 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ, изложбата „Анатомија на муралот – Илинден 1903, Борко Лазески“ ќе биде поставена во Музејот на македонската борба за самостојност.
Изложбата содржи селекција од 24 скици и цртежи, изработени од авторот Борко Лазески кои послужиле како план за монументалната фреска Илинден 1903, коишто досега не се изложувани.
Делото е создадено во 1950 година и изложено на Есенскиот салон на Друштвото на македонски ликовни уметници, а истата година е поставено во Домот на ЈНА. Зградата на домот беше разурната во земјотресот од 1963 година, а фреската Илинден 1903 уништена. По неколку обиди да се обнови, конечно во 1991 година, Борко Лазески ја реизведува фреската Илинден 1903 според оригиналните шеми, во Хотелот Монтана во Крушево каде се наоѓа и денес.



Свеченото отворање на изложбата е во среда, 31 јули, со почеток во 19.30, а посетителите ќе можат да ја посетат до 30 ноември.
Пригодно обраќање на отворањето ќе има Зоран Љутков, министер за култура и туризам, а пред присутните ќе говорат и проф. д-р Далибор Јовановски од Филозофскиот факултет, Анче Илиевска в.д. директор на музејот, м-р Бојан Трпевски водич во музејот и Марија Коробар од Асоцијацијата ИКОН, автор на изложбата.
Изложбата се органзира во соработка со Асоцијацијата за култура ИКОН од Скопје. Автор е Марија Коробар, а во реализацијата на изложбата учествуваат Василија Чали, Елизабета Марковска, Габриела Постолова Бошкова, Ана Китановиќ и Даниела Митевска.
Музејот на македонската борба за самостојност изразува голема благодарност до Росица Лазеска за укажаната доверба и до Хотелот Монтана од Крушево за поддршката во реализацијата.
БОРКО ЛАЗЕСКИ (1917-1993) е македонски ликовен уметник кој се смета за предвесник на првата повоена генерација на академски образувани уметници во Македонија.
Во 1933/34 година Лазески се запишува на Ликовната академија во Белград. Дополнително го продолжува школувањето во Бугарија, на Државната уметничка академија во Софија, каде ги завршува студиите во 1943 година. Како стипендист на француската влада во почетокот на 1945 година се запишува на париската Висока национална школа за ликовна уметност (École Nationale Supérieure des Beaux-Arts), во одделот за фрескосликарство на Дикос де ла Ај (Dukos de la Haille). Тука ги проучува монументалните техники, што подоцна ќе станат негова уметничка определба. Во текот на двегодишниот престој во Париз, Борко Лазески работи во атељето на францускиот уметник Андре Лот (André Lhote), кој има клучна улога во оформувањето на Лазески како автор.
Во почетокот на 1945 година учествува во формирањето на уметничката школа во Скопје и е еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Лазески е прв в.д. директор на Уметничката галерија во Скопје, формирана во 1948 година.
