Истражувачките активности во рамките на проектот „Музејска колекција – Старинско оружје: истражување и подготовка на монографија – прва фаза“, проект од годишната програма на Министерство за култура и туризам за 2026 година, беа реализирани со теренски истражувања на подрачјето во Битола, Прилеп, Скопје и во Скопско.
Основната цел на проектот беше проширување на истражувањата поврзани со историското, културното и уметничкото значење на старинското студено оружје од колекцијата на збирката “Македонија во национално-револуционерниот период” со посебен акцент и истражувачки интерес на неговото претставување на светите војници на фрескоживописот во црквите и манастирите. Преку непосреден увид во сакралните објекти беа истражувани и документирани иконографските претстави на светите војници, нивната воена опрема, како и различните форми и типови на оружје што се јавуваат на нивните ликовни претстави.
Истражувањата имаа интердисциплинарен пристап, поврзувајќи ги музеолошките истражувања на збирката старинско оружје со иконографијата и историскиот развој на вооружувањето. Овој пристап овозможува компаративно согледување на оружјето како музејски предмет и неговите ликовни претстави во сакралното сликарство.
Монографијата ќе овозможи поширока презентација и афирмација на музејската колекција, нејзино стручно и научно валоризирање, како и поврзување на оригиналните музејски предмети со нивните историски, уметнички и иконографски контексти.
Координатори и автори на монографија која е во подготовка се м-р Даниела Николова и Даниела Митевска. Фотографирањето и подготовките на фотографиите беа направени од м-р Страхил Петровски, конзерватор советник, a за потребите на монографијата беа изработени цртежи на раритетни предмети од музејската колекција од конзерваторот м-р Емилија Лазаревска, надворешен соработник.






