Во рамките на едукацискиот проект и работилница „Минатото во куфер“, учениците од ООУ „Лазо Ангеловски“ и ООУ „Лазо Трповски“ имаа можност на интерактивен и современ начин да се запознаат со културното наследство и музејската дејност.
Едукацискиот куфер содржи копии од тактилни предмети застапени во музејската поставка, кои учениците можеа непосредно да ги разгледуваат и истражуваат. Преку QR-кодови поставени на предметите, тие добиваа дополнителни информации за нивната намена, потекло и историско значење, користејќи ги дигиталните технологии како алатка за учење.
На овој начин, учениците се доближија до минатото преку музејските експонати, и се запознаа со современите дигитални решенија што денес се применуваат во музејското работење во функција на подобра интерпретација, достапност и презентација на културното наследство.
Работилницата предизвика голем интерес и активно учество кај учениците, потврдувајќи дека спојот на културното наследство и дигиталните технологии создава нови и возбудливи можности за учење.
Благодарност до ООУ „Лазо Ангеловски“ и ООУ „Лазо Трповски“ за соработката и гостопримството, како и на учениците и наставниците за нивната љубопитност, ангажираност и позитивна енергија.
Проектот е поддржан во Годишната програма на Министерството за култура и туризам.












