Музејската колекција на НУ Музеј на македонската борба за самостојност е збогатена со нов предмет кама со кожна футрола од личниот фонд на дарителот Марин Поповски.
Според семејното предание, прадедото на дарителот, Поп Атанас Костадинов (1858–1923) од село Русиново, ја добил оваа мала кама со футрола како подарок од војводата Никола Русински во периодот меѓу 1905 и 1912 година, за време на продорот на андартските чети. Камата се користела во церемонијални прилики, а нејзината уметничка вредност особено се истакнува преку украсувањето со техниката на инкрустација – техника што во 19 век се применувала за декорација на оружја кои претставувале статусен симбол.
Овој предмет внимателно се чувал и пренесувал од генерација на генерација, сè до денес, кога беше даруван од Марин Поповски – син на Илија Поповски, учесник во НОБ (1941–1945) и заслужен борец претставен во Каталогот на Сојузот на борци на РМ.
Донацијата во име на музејот ја прими директорката Анче Илиевска, во придружба на кустосите Даниела Николова и Даниела Митевска. За исклучителниот чин на доверба и почит кон историското културно наследство, на дарителот Поповски му беше доделена Благодарница.
Музејот изразува искрена благодарност за можноста овој предмет да биде зачуван, стручно обработен и достапен за јавноста. Со својата лична приказна, семејна традиција и историски контекст, камата додава нова автентичност и богатство на музејската поставка.
Фотографии: Сашенка Тодоровска






