Изложбата „Лазар Соколов – живот и дело“, на авторот м-р Илија Василески, e отворена во среда, 18 март, со почеток во 19.30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност.
На свеченото отворање присутните гости ги поздравија в.д. директорката на музејот Анче Илиевска, рецензентот на изложбата д-р Александар Симоновски од ИНИ, претставниците на семејството на Лазар Соколов – ќерката Славица Соколов Метикош, внуката Лиле Поповска и внукот Дејан Метикош, како и авторот на изложбата м-р Илија Василески.
Лазар Соколов е учесник во Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија (1941-1945) и еден од втемелувачите на современата македонска држава на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија.
Низ богат музејски материјал што содржи фотографии, документи, лични предмети, но и личното досие водено од Управата за државна безбедност на Социјалистичка Република Македонија, изложбата го документира животниот пат на македонскиот интелектуалец кој оставил силен белег врз политичките и економско-социјалните прилики во периодот на создавањето на македонската држава.
Експозицијата опфаќа повеќе аспекти од активизмот на Соколов, преку неговото учество во создавањето на македонската држава во текот на Втората светска војна, неговата дејност како државник и општественик, но и како голооточки заточеник. Во личноста на Лазар Соколов историјата препознава исклучителен интелектуалец, доктор по економски науки образован на Универзитетот во Загреб, член и секретар на Културно-уметничкото друштво „Вардар“, член на студентската организација Македонско народно движење, учесник во Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија (1941-1945), член на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија и на Комунистичката партија на Македонија, делегат на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, повереник на народното стопанство и економска обнова, помошник на министерот за трговија и снабдување во Владата на Демократска Федеративна Југославија, член на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Југославија, подоцна и член на Претседателството, пратеник во Народното собрание на Македонија и плоден научник оставајќи зад себе голем опус од областа на економските науки.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 20 април.
Модератор на отворањето: Елизабета Марковска
Фотографии од отворањето на изложбата: Владислав Гавриловски
Фотографии од изложбата: Страхил Петровски































