Одбележани 135 години од раѓањето на д-р Анастас Коцарев

На пригодна свеченост одржана на 26 март 2025 година, во Музејот на македонската борба за самостојност, беа одбележани 135 години од раѓањето на д-р Анастас Коцарев, светски реномиран онколог, по потекло од Охрид.

Настанот започна со едноминутен молк како почит кон жртвите од трагедијата во Кочани, а пред присутните гости, меѓу кои и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, амбасадорите на Франција и Швајцарија Кристофер Ле Риголер и Вероник Хулман, воведна реч одржа директорката на музејот Анче Илиевска истакнувајќи дека за првпат во Музејот на македонската борба, оддаваме почит и признание на ликот и делото на д-р Анастас Коцарев, кој со оглед на неговите залагања и активности за правилно решавање на македонското прашање, заслужува соодветно место и внимание во македонската историска наука.

Посебно излагање на настанот имаше претседателката Гордана Силјановска-Давкова, а до присутните се обратија и поранешниот претседател на МАНУ, д-р Љупчо Коцарев, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, и Стефан Евре, градоначалникот на париската општина Бонди каде почива Анастас Коцарев.

Свеченоста беше збогатена со проекција на документарниот филм „Заборавени македонски умови“ посветен на д-р Анастас Коцарев, додека д-р Соња Коцарева Трпезановска претстави фрагменти од неговата биографија, како и необјавени писма, документи и фотографии. Музички настап на пијано имаше Викторија Митевска – Малезан.

Модератори на настанот беа Ана Дукоска и Георги Гоце Дуртаноски, а организацијата е на Музејот на македонската борба за самостојност и здружението „Заборавени Македонци“.

Д-р Анастас Коцарев  е македонски деец и лекар онколог, еден од пионерите кој работел на истражување и лекување на ракот. Соработувал со нобеловката Мари Склодовска-Кири и на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум.  Покрај професионалната преокупација, во  Во 1915 година го основал Друштвото „Македонија“ во Женева, а во 1918 година ги обединил и другите македонски друштва од Цирих и Лозана во заедничкото Друштво на Македонците за независна Македонија. Се залагал „за единствена и независна Македонија“ и за балканска федерација.

Фотографија: Кабинет на претстедателката Гордана Силјановска-Давкова

Scroll to Top