Промовирана реконципираната поставка на Македонија на Втората светска војна

Едукациската работилница „Биди кустос на еден ден“, со којашто се промовираа резултатите од реконципирањето на периодот Македонија во Втората светска војна во постојаната музејска поставка се одржа во понеделник, 3 март 2025.

Учесници во работилницата беа партнерите од основното училиште Јохан Хајнрих Песталоци од Скопје – учениците од деветто одделение и наставничката Бранка Димовска Коцева, кои беа пречекани од в.д. директорката на музејот Анче Илиевска и вишиот кустос м-р Данијела Трајкова Крстиќ. Учениците ја разгледаа постојаната поставка, а најголемиот фокус беше ставен врз периодот на Македонија во Втората светска војна. Во реконципираниот дел на постојаната поставка, учениците работеа во четири тимови  на четири клучни тематски целини – Денот на народното востание 11 Октомври, Првото заседание на АСНОМ, семејните приказни преку донацијата на фамилијата Циривири и културните традиции.  Учениците имаа задача да ги препознаат музејските предмети во поставката, да ги забележат легендите и предметите да ги внесат во инвентарните листи. На овој начин, добија единствена можност одблиску да ја доживеат работата на кустосите во музеите.

Првите импресии од одржаната работилница, музејот ги доби преку евалуација на работилницата со која беше искажано задоволството од учеството и стекнатите знаења и вештини. На прашањето „Денеска научив нешто ново за културното наследство, значењето на музеите и што значи да бидеш кустос“, 81 процент од анкетираните одговориле позитивно. Корелацијата на музејските предмети, архивските документи и фотографиите со наставната програма по предметот Историја на тема Македонија во Втората светска војна на 67 проценти од учениците им помогнала во полесно совладување на материјалот. Преку 81 проценти од нив сметаат дека текстовите во изложените витрини се кратки и со јасна порака, а 91 проценти се согласуваат дека легендите помагаат да дознаат повеќе за музејските предмети и за историските настани.

Проектот Измени и дополнувања на постојана поставка – збирка Македонија во Втората светска војна се реализира со поддршка на Министерството за култура како дел од годишната програма на музејот за минатата година.

Учесници во проектот:

Aна Китановиќ – кустос за Македонија по Втората светска војна, учество во изработка на документација;

Дарко Трпевски – водич, учество во селекција на дел од архивски фонд, поставување на изложбени композиции;

Владо Кузмановски – водич, учество во поставување на изложбени композиции;

Елизабета Марковска – кустос етнолог, учество во поставување на изложбени композиции;

м-р Maja M. Павловска – советник за меѓународна соработка и односи со јавноста, учество во идејни решенија за изложување, предлози за подобрување на пристапност;

Драган Јовановски- друг соработник во културата за грижа и презервација на восочни фигури и помошни предмети во музејска поставка, учество во подготовка на музејска поставка;

Марика Стеваноска – техничар во музејска поставка, учество во подготовка на музејска поставка;

Лиљана Ангелеска – техничар во музејска поставка, учество во подготовка на музејска поставка;

Габриела  Постолова Бошкова –конзерватор, подготовка на простор и музејски предмети за изложување.

Надворешни соработници:

Д-р  Јасмина Дамјановска – стручен соработник за архивски фондови и консултант за изложбен концепт на постојна поставка;

Проф. д-р Марјан Иваноски – стручен соработник-рецензент на постојна поставка од збирка „Македонија во Втората светска војна“;

М-р Зоран Георгиев – стручен соработник за оружје и воена опрема;

Проф. д-р Милан Дамјаноски – стручен соработник за превод на англиски јазик;

Евгенија Стојанова – стручен соработник лектор на македонски јазик;

Александар Павловски – стручен соработник за дизајн на изложбени витрини, форекси , легенди, промотивен материјал, дигитална обработка и корекција на фотографии и документи;

Владо Кипријановски – стручен технички соработник за поставување на изложбени композиции;

Игор Димовски –  соработник за фотографија.

Scroll to Top