На 8 ноември 2024 година во македонскиот културно-информативен центар во Истанбул беше отворена изложбата „Од семејно до институционално културно наследство – семејството Шабан. На отворањето на изложбата се обратија Диме Ратајковски, директор на центарот, Елизабета Марковска, автор на изложбата и Џангул Шабан, претставник на семејството Шабан.
Изложбeната експозиција ја сочинуваат 15 изложбени паноа, со текстови и фотографии од донирани предмети на семејството Шабан, кои со својата единствена посебност доловуваат моменти и пренесуваат емоции при презентирање на традицијата и културата и овозможуваат подлабоко разбирање на ритуалите, обичаите и уметничките изрази, кои ги дефинираат нашите културни идентитети.
Автор на изложбата е Елизабета Марковска, кустос етнолог, а соработници за реализација на проектот се Василија Чали, Ана Китановиќ, Марија Коробар и Габриела Бошкова Постолова.
Изложбата е поддржана од Годишната програма на Министерството за култура за 2024 година и ќе биде поставена до 14 ноември 2024г.









