Во чест на Димитрија Чуповски

На 8 ноември се одбележуваат 146 години од раѓањето на Димиртија Чуповски, истакнат македонски, културен и политички деец. Роден е на 8 ноември 1878 година во селото Папрадиште, Велешко. Своето основно образование го започнува во Крушево и учи во вечерното училиште за македонските ученици во Софија организирано од македонските интелектуалци Даме Груев и Петар Попaрсов.

Во 1900 година се запишува во Новогородската духовна семинарија. Тука заедно со К.П. Мисирков, Наце Димов, Н. Ничота, Г. Константинович, С. Дедов, Д. Мишајков учествува во формирањето на Македонското студенско другарство кое во 1902 година преименувано е во Македонско научно-литературно другарство „Св.Климент“.

Со потписите на основачите, Димитрија Чуповски, Гаврил Константинович и Наце Димов, на 27 јуни 1912 ,пред петербуршкото градоначалство бил поднесен за регистрација уставот на Словено-македонското национално просветно друштво „Кирил и Методиј“. Според основните програмски цели и задачи, тој не се разликувал од уставот на Македонското научно-литертаурно другарство од пред десет години, но бил прилагоден на новите историски околности. Главната цел била декларирана во првиот параграф – друштвото да го помага духовното преродување и обединување на македонските Словени и нивното слободно национално самоопределување.

Чуповски со останатите членови на МЛНД настапувале на јавни собири во рускиот печат и јавен живот. По почетокот на војните, Димитрија пристигнува во Велес и со Петар Попaрсов организираат Општомакедонска конференција, одржана во декември 1912 година. Целта на конференцијата била да се донесат заклучоци, а воедно и да се испрати сигнал, за зачувување на целоста на Македонија и обезбедување на слободата и државноста на истата. На самата конференција и од нејзиниот исход, Чуповски добива полна поддршка и полномошност за застапување на тие интереси преку Македонската колонија во Петроград и да ги презентира истите тие интереси пред Русија и Европа. Со самиот почеток на реализацијата на остварувањето на овие зацртани определби, Чуповски и Поп Арсов заминуваат за Лондон и Париз. Таму тој ги создава своите статии за македонската државност и за завојувачкиот карактер на војната. Во тој момент Чуповски ја објавува и првата карта за Македонија во боја и на македонски јазик – „Карта Македониіа“. Покрај картата, Чуповски ги објавува и „Македонски народници“ во март 1913 година и „Меморандум на Македонците“ на 1 март 1913 година. Сите три, Чуповски ги испраќа до Лондонската конференција и до рускиот печат за подобро запознавање со македонското прашање и за желбата на Македонците за своја слободна татковина. На 7 јуни бил потпишан и „Меморандумот на Македонците“ кој бил испратен до владите на балканските држави, додека пак на 9 јуни 1913 година Чуповски и МНЛД го издаваат својот прв број на македонското списание на руски јазик „Македонски Глас“. Ова списание со 11 броја кое излегувало од 20 ноември 1914 година е важен историски архив за борбата на Македонците за зачувување на територијалната целост на Македонија и за извојувањето на македонската национална слобода.

Обидите на Чуповски и понатаму да придонесува за судбината на својот народ и татковина продолжуваат. Прв чекор кон целта требало да биде обединување на словенското население како мнозинско. „Тоа обединување треба да биде национално и духовно. За тоа не се потребни револуции туку:

  1. Признавање на македонските Словени од страна на Турција како одделен народ со одделен литературен јазик кој рамноправно со турскиот станува официјален јазик во трите вилаети и признавање на самостојна црква;
  2. Назначување на еден генерал-губернатор и еден негов помошник; Генерал губернатор може да биде турски државјанин од мнозинската националност, а негов помошник од помалку застапената националност;
  3. Месно изборно народно собрание и дарување органски статутна Македонија од султанот;
  4. Спроведувањето во живот на правата подарени од Н.И.В. Султанот на Македонија се гарантира од европските држави.

Во бурниот и трагичен период на Балканските војни и на Првата светска војна, Македонската колонија во Петроград е единствената програмски дефинирана национална линија во борбата за идентитетот и интегритетот на македонска Македонија. Уште во националната програма на Македонско научно-литературно другарство од 12 ноември 1902 година беше даден аларм за опасноста од поделба на Македонија од страна на соседните балкански држави и беа укажани можностите и условите за ослободување и зачувување на целоста на земјата. Славјано-македонското научно литературно другарство станува најзначајната македонска национална институција во Русија. Другарството ќе достави до руската влада посебен меморандум со следните барања:

  1. Признавање на самобитноста на македонските Словени;
  2. Издигнување на македонскиот јазик на степен на литературен;
  3. Обновување на Охридската архиепископија;
  4. Извојување на целосна автономија на Македонија во рамките на Османлиската Империја.
Scroll to Top