„15 години“ на Историски музеј на БиХ

Во Музејот на македонската борба за самостојност, во саботата, свечено беше отворена изложбата на фотографии „15 години“ од Џим Маршал на Историскиот музеј на Босна и Херцеговина.

Во присуство на голем број гости, меѓу кои и Националниот координатор за култура, Роберт Алаѓозовски, заменикот директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Џелал Хоџиќ, како и претставници на дипломатскиот кор и колеги, свеченоста ја отвори Даниела Николова, в.д. директор на НУ Музеј на македонската борба за самостојност. Во оваа прилика таа истакна задоволство што Музејот има чест да биде домаќин на изложбата „15 години“ и изрази благодарност за соработката со Историскиот музеј на БиХ, како и за сите колеги кои учествуваа во реализацијата на изложбата.

Пред присутните се обрати и Елма Хашимбеговиќ, директорка на Историскиот музеј на БиХ која истакна дека изложбата зборува за можеби најтешкиот период во историјата на Сараево. „Сепак, вечерва ја славиме културата, изложбата го слави животот, ја слави културата, затоа што сите овие згради што се наоѓаат во фотографиите на Маршал кријат зад нив духовни приказни на отпор, за одржување културни настани во Сараево за време на опсадата“, рече Хашимбеговиќ.

Изложбата свечено ја прогласи за отвори заменик директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците во Северна Македонија, Џелал Хоџиќ, кој рече дека преку прикажаните фотографии може да се види духот и пркосот на Сараево, за време на војната во БиХ, Сараево односно под опсада што траеше повеќе од 44 месеци.

Во организација на м-р Данијела Трајкова-Крстиќ, кустос во музејот, изложбата е поддржана во годишната програма на Министерството за култура на Република Северна Македонија и ќе биде отворена до крајот на октомври. Настанот беше дел од манифестацијата Бела ноќ, на која специјален концертен настап имаше и пијанистката Дуња Иванова со програмата „Слушаме во црно-бело“ во која беа застапени композиции од Мајкл Најман, Руиџи Сакамото, Јан Тирсен и други.

Scroll to Top
Skip to content