Февруарскиот поход и Михајло Апостолски

За личните музејски предмети изложени во Музејот на македонската борба, биографијата на генерал Михајло Апостолски и повеќе за Февруарскиот поход од 1944 година.

Личните музејски предмети се заедничко културно наследство. Во форма на материјално сведоштво единствено тие имаат моќ самостојно да раскажат повеќе или помалку познати факти за одреден историски настан или личност и преку својата автентичност нераскинливо да се испреплетат со иднината. Музејот на македонската борба презентира дел од личните предмети* на Михајло Апостолски како генералска униформа, џебен часовник „ZENITH“, фотографија на која Апостолски говори на Второ заседание на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија-АСНОМ, Скопје, 30 декември 1944г.

Еден мал сегмент од богатото животно искуство е видлив и во многубројните домашни и меѓународни одликувања меѓу кои и изложените Спомен плакета од Првото заседание на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ, орден „Св. Олав“ – Норвешка,  орден „Георги I“- Грција, орден „Св. Александар“- Бугарија, ордени „Братство и единство“, „Сребрен венец“, „Медал за храброст“од Социјалистичка Федеративна Република Југославија – СФРЈ.

Ликот и делото на генерал Михајло Апостолски се вткаени во времето на една херојска епопеја од македонската народноослободителната и антифашистичка борба во Втората светска војна. Биографијата и библиографијата на Михајло Апостолски    (8.11.1906 Ново Село, Штип – 7.8.1987 Стар Дојран) ни даваат приказ на неговата дејност како воен теоретичар, воено лице – командант, генерал-мајор, генерал-полковник, народен херој, пратеник, научен работник и академик.

Основно училиште и седум класа гимназија завршил во Штип во 1924 година. Воена академија завршил во 1927г., а од 1931 до 1933 година ја завршил Вишата воена академија во Белград. Од 1935 до 1938 година ја завршил Генералштабната припрема (Академија). Паралелно со ова, завршува и два радио-телефонски курса.На 14.06.1982г. ја одбранил докторската дисертација и се стекнал со титула доктор на воени науки. Континуираниот личен и општествен придонес е изразит и преку повеќето воени политичкии општествени функции кои ги изведувал.

На почеток бил активен офицер на поранешнатаЈугословенска војска, на служба во Штип, Белград, Земун, Сушак, Огулин и Љубљана.Учесник е во НОБ од 1941 година, отпрвин како член на Покраинскиот штаб за Македонија, а подоцна, од 1942 година како командант на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. На 1 мај 1943 година е именуван за генерал мајор. На 9 октомври 1953 година е одликуван за народен херој. Од 1945 до април 1946 година е помошник-началник на Генералштабот на ЈНА, потоа од есента 1952 година е командант на Армијата во Сараево. Од есента 1952 до септември 1955 година е началник на Вишата воена академија, а до јуни 1958 година е началник на пешадијата на ЈНА. Пензиониран е како генерал-полковник во 1958 година.

Од политичките функции кои ги исполнувал потсетуваме дека е член на Претседателствотона Првото и на Второто заседание на АСНОМ, член на Претседателството на Второто заседание и Третото заседание на АВНОЈ. Од 1945 година бил двапати пратеник во Народното собрание на Македонија, аод 1945 до 1963 година е пратеник во Сојузното собрание.

Сепак во неговата биографија, научната мисла зазема импозантно место. Позначајни авторски дела се: „Пролената офанзива во 1944 година во Македонија“, Скопје, 1957, „Февруарски поход“ Скопје, 1975, „Завршните операции за ослободување на Скопје“, Скопје, 1975, „Oд Кожув до Богомила и Козјак – Операциите на единиците на НОВ и ПОЈ зимата 1943 – 1944 година во Македонија и Поморавието“, Скопје, 1959, „Погледи на југословенско-бугарските односи во Втората светска војна“, Скопје, 1980, повеќе информации за библиографија на следнава веб страна: http://manu.edu.mk/wp-content/uploads/2016/10/Bibl.-M.-Apostolski.pdf

Во периодот од 1.1.1965 г. до 31.12.1970 г. е директор на Институт за национална историја во Скопје. На заседание на матичната комисија за формирање на Македнската академија за науки и уметности – МАНУ одржано во Охрид, е избран за редовен член на 18 август 1967г. Претседателството на МАНУ го предводи во периодот од 1976г. до 1983г. За член на Српската академија за науки и уметности – САНУ е избран во 1968г. Во 1977 година е избран за член на Словенечката академија за науки и уметности, по што следната 1978 е избран за член на Академија за науки и уметности на Босна и Херцеговина. Во период од 1978 до 1981 е претседател на Советот на академиите на науките и уметностите на СФРЈ, а од 1979г. е избран за дописен член на Југословенска академија на науки и уметности – ЈАЗУ. Во 1986 година е избран за доживотен претседател на Сојузот на друштва на историчарите на Македонија.

Творечкиот опус на генерал Апостолски го одбележуваат и многубројни награди како: „Ноемвриска награда“ за трудот во ослободителна војна на македонскиот народ, Скопје, 13.11.1965г.; награда „11 Октомври“- за животно дело, Скопје, 1971 г.; награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“- највисоко општествено призание за најдобри трудови од областа на публицистиката, Скопје 7 јули 1976г.; награда на АВНОЈ како вонредно општествено признание во областа на историските науки, Белград, 21.11.1978 г.

Херојската епопеја на НОВ и ПОМ – Февруарскиoт поход 1944 г.

Февруарски поход 1944, автор Александар Маратoвич Самсонов

Како резултат на интензивираните борбени дејствија и успесите на македонските партизански единици во декември 1943г. биле креирани услови, кои како катализатор ја поттикнале идејата за организирање на Февруарскиot поход. Апостолски сведочи дека „на Кожув планина во колибите „Жута“ каде беа стационирани: Главниот Штаб, Централниот Комитет и британска воена мисија на 20 јануари 1944г. се донесе планот за организирање на Февруарскиот поход“. Походот во македонската историографија е дефиниран како „прва стратегиска операција на единиците на македонската војска“ бидејќи одлуката за нејзино отпочнување е донесена од воено-политичкиот врв, целта е натамошен поттик на оружената борба на целата територија на Македонија, карактерот на делување е офанзивен, а највисокото раководство е директен учесник во борбените дејствија на НОВ и ПОМ. Конкретниот концепциски план содржи дејствување на следниве три оперативни групи:

Првата оперативна група – составена од Првата македонско-косовска ударна бригада, требало да се пробие во правец с.Бахов–Мариово–Дрен–Мукос-Бабуна планина во централниот дел на Македонија, за таа да биде индикатор за обновување на борбите од 1942г. и по можност истата се задржи во реонот Азот и Порече.

Втората оперативна група во чиј состав влегува Втората македонска бригада, било предвидено да дејствува во долината на Вардар, во реонот Тиквеш и Гевгелија, потпирајќи се на слободната територија Меглен-Кожув планина–Пајак планина со офанзивни дејствија во правец на Кавадарци и Демир Капија, сé со цел да го привлече вниманието на бугарскиот окупатор, а со тоа да го олесни пробивот на Првата и Третата оперативна група.

Трета оперативна група позната како „Трета група баталјони“ составена од баталјоните „ Стив Наумов“ и „Христо Ботев“ Главниот Штаб на НОВ и ПОМ, еден дел од раководството на ЦК на КПМ и делегатот на Врховниот штаб, неопходно било да се пробие низ источна Македонија и по пристигнување во реонот Куманово–Врање-ЦрнаТрава да се изврши поврзување на македонските, јужноморавските и косовоските единици.

Воените дејствија во оваа комплексна акција од 31 јануари до 24 февруари 1944 г. со сите свои воени и природни неприлики ја испишаа македонската историографија со херојски битки. Во месецот во кој одбележуваме 77 години од Февруарскиот поход повеќе за овој настан и за генералните воените стратегии, дознавме од рефератот на Михајло Апостолски насловен како „Искуства од досегашните борби и акции“ објавен како прилог во книгата „Oд Кожув до Богомила и Козјак – Операциите на единиците на НОВ и ПОЈ зимата 1943 – 1944 година во Македонија и Поморавието“ публикуван во чест на сите паднати борци, по повод 15 годишнината од Првото заседание на АСНОМ во 1959 г.

Рефератот „Искуства од досегашните борби и акции“ е претставен на воен состанок одржан на 28 февруари 1944г. во манастирот „Прохор Пчински“ каде неколку дена бил сместен Главниот штаб. Содржински го сочинуваат XI тематски целини кои се пишувани на народен македонски јазик, тогаш сѐ уште некодифициран, а токму овој автентичен израз дава приказ и за културно-историското значењето на јазикот во текот на Втората светска војна. Рефератот во времето на публикување е даден интергрално без јазични интервенции, а ние денес го пренесуваме автентично сè со цел да ја зачуваме суштината. Трудот започнува со тематска целина посветена на „Напад“, по што селедат и „Обрана“ „Покрети“ „Осигуруење на одморите“ „Врски“ „Диверзии“ „Прибирање податоци за непријателот“ „Местата на штабовите“ „Трошење на муницијата“ „Водичи“ и „Кратко за тактиката на непријатели – со кој са нашите единици воделе борба“. За нападите Апостолски дефинира дека „сите борби досега докажаја да нашите единици во нападот се подобри – него ли во одбрана, нападите ги изводат со пун и голем елан“ истакнувајќи ја борбеноста и храброста на партизанските единици. Следно посочува „Нашите единици за сега располагаат со мал број тешки оражја (минофрачи и митралези), а често во нападот и бојно се послаби или скоро еднакви со непријателот кога напаѓаат, пример редица борби во западна Македонија и др. и за тоа они не вршат припрема, туку го нападот вршат брзо и изненадно и само силниот налет, потпомогнат со аутоматски оражја може да доведе до сигурен успех“. Следно за стратегијата посочува „Во нападот кога нашите единици успеат да го непријателот они потиснат, не треба никогаш да се задржат со заземаљето на првиот циљ, него требе веднага да продолжат со најенергично гоњење, да не дадат по никој начин на непријателот возможност да се прибере и реорганизира, него да се по возможност разбие, растрои и голем дел зароби (познатиот пример борбите кај Дебар, Кичево и др)“.

За Одбраната вели „не е своиствена на партизански начин на дејствата на нашите единици секогаш треба да избегаваат одбрамбени дејствија… Ако нашите единици бидат макар по кој причини принудени привремено на одбрана, во такав случај требе да се примени така наречената „активна одбрана“ што значи да се со еден дел од нашите снаги води одбрабената борба, а со резервите во погоден момент да се изврши против напад“. За мобилизацијата на партизанските единици Апостолски потенцира „Во покретливоста на нашите единици лежи нивната победа. Они требе да бидат способни за долги и брзи маршеви. Следно афирмативни примери за оваа карактеристика посочува токму од борбените дејствија во Феруарскиот поход истакнувајќи дека „Во тој поглед нашите единици покажаа е својата способност, така I бригада издржа единаесетодневни марш од Дебарца до Кожуф, преминувајќи ги планините Галичица и Кајмакчалан; после историскиот марш на баталјоните „Стево Наумов“ и „Христо Ботев“ од Кожуф планина преко Беласица, Огражден, Плачковица, Осогов и Козјак планина, од 23 дена по снег преко 2 метра со материјал на грбот по терен дека партизанската нога не е била корчила и борби за пробивање на патот, покажа е големата способност и издржливост на тиа единици“. Во овој дел од рефератот генералот го апострофира и значењето на „Маршевската дисциплина“ и „Одмори и застанаци“ кои би ја потикнале максималната ефективност на партизанските единици. Во делот на „ Осигуруење на одморите“ дава предлози како да се унапредат стражите велејќи „Кога е една единица на одмор, поред стражарите, требе да се во правците по кој постои возможност да се појави непријателот, испраќаат даљни патроли, доста далеко, а на најопасните правци да се постават и заседи“. За поголема ефикасност помеѓу „предпоставените штабои и единиците“ посочува дека треба да се посвети повеќе внимание на врската. Диверзантските акции како што се „упади со мали ударни групи во градове, со патрлоли поставуење мини на пругата и слични други акции со мали групи имаат големо значење“… „Много добар пример на диверзиони акции е упадот на една десетина во јануар месец во градот Гевгелија“. Во седмата целина накусо споделува дека податоци добиени од селаните         „неопходно е да се проверуваат и преко наши патроли и нашите организации на обавештајната служба“. За „Местата на штабовите“ го акцентира значењето на позицијата која командантите во ударните бригади или патролите треба да ја заземат. Тој потенцира „Командантите со своите штабови во борбата требе да бидат на такво место од дека ќе можат најлесно да пратат развивањето на борбата, лесно да оджаваат врски и да раководот со борбата“. Во делот посветен на „Трошење на муницијата“ констстира дека на овој аспект треба да се посвети поголемо внимание и муницијата да се троши применувајќи го дадениот предлог „Партизанин не смее да отвара огин ако нема цел. Партизанин отвара огин само на сигурна цел“. За „ Водичите“ потенцира „На маршот кој нашите единици изведоа од Кожуф до Козјак, бидејки се минеше по сасвим непознат терен, без наши врски, зимаа се доста пати водичи од селанита“. Според Апостолски особено важно било да се посвети внимание и на ова прашање бидејќи „ мала немарност према нив може скапо да се освети на целата колона (единица)“. Во последниот дело накратко ги дефинира тактките на непријателот. За „Германци“ посочува како ги преземаат акциите потенцирајќи „акции превзимат само со поголеми снаги, нападите ги вршат концентрично во повечко колони со цел да опколат. Употребуваат артилерија и минофрлачи и со нив дејствуваат на села кој са служеле како наши бази без обзир на тоа дали имаат цел или не“. Следно посочува „Балистите (реакционите банди) нападите ги вршат во многу колони и се стремат секогаш да извршат опколуење. Покретот во колоните им е без ред во големи групи и така се приближуваат до најблиски отстојања. За „Болгарската војска и полиција“ посочува „Штом се наши единици појават на нова територија веднага испраќат потерни оделења, а редовно поставуваат заседи. После краток период по наша појава, организираат офанзиви со поголеми снаги. На наша појава на нов терен се много осетливи. Но ако се издржат нивните први налети и офанзиви тогај попуштаат, и теренот се после леко зазима од нашите единици. Нужно е само упорно да се издржи во прво време“.

Успешното изведување на Февруарскиот поход во историографијата е дефиниран како пресвртница во военостратешки план во корист на единиците на НОВ и ПОМ, што придонело да се зголемат слободните територии и да се започне со подготовки за одржување на Првото заседание на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија–АСНОМ.

Селективна библиографија
Апостолски Михајло „Од Кожув до Богомила и Козјак“ Операциите на единиците на НОВ и ПОЈ зимата 1943-1944 година во Македонија и Поморавието, Институт за историја, Просвета, Скопје, 1959;
Дамчевски Илија, „Февруарски поход-понови видувања“, Гласник, ИНИ, Скопје,2004;
Солунски Коце, „Апостолски од раѓање до генерал“, Скопје,1993;
Стојчев Александар, Јовановска Марица, м-р Марјан Ѓуровски, „Генерал Михајло Апостолски“, Пропоинт, Скопје,2012.
http://manu.edu.mk/wp-content/uploads/2016/10/Bibl.-M.-Apostolski.pdf.- пристапено на 11.02.2021г.
* Личните предмети од генерал Михајло Апостолски се времено отстапени од НУ Музеј на Република Северна Македонија
подготвил: м-р Данијела Трајкова Крстиќ, кустос во НУ Музеј на македонската борба за самостојност.

Scroll to Top
Skip to content