Уредувачки маратон на тема „Жената низ историјата“

Во чест на Меѓународниот ден на жената во соработка со Викимедија МКД, во Музејот на македонската борба на 7 март беше организиран уредувачки маратон на тема „Жената низ историјата“.

Членовите на Вики клубот, ученици од гимназијата „Јосип Броз Тито’“ од Скопје, под менторство на професорката по историја, Ирена Трајковска Стејровска, имаа прекрасна можност да се запознаат со важни моменти од животот на жените во македонската историја. Со тематска презентација низ музејската поставка водена од едукаторот Ана Вишинова, им беше претставена борбата на жената во Македонија во минатото. Почнувајќи од храброста на ретките жени војводи на ајдутските дружини, Сирма и Румена војвода, па сѐ до учеството на македонската жена во револуционерното движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Константина Настева Бојаџиева, Роза Плавева, Накије Бајрам се дел од имињата во чија револуционерна активност е вткаена и борбата на жената за целосна еманципација. На учениците им беа претставени жените учеснички во народноослободителната и антифашистичка борба од различна вера и националнолност како: Мирка Гинова, Елпида Караманди, Ибе Паликуќа, Естреја Хаим Овадија – Мара кои несебично ги дале своите животи чекорејќи по врвиците на слободата.

Уредувачкиот маратон продолжи во просториите на музејот, каде учениците уредуваа статии на македонски јазик за биографии на познати жени низ историјата.

Scroll to Top
Skip to content