Промоција на проектот од национален интерес „Катче на сведоштва“

По повод 85 години од 11 Октомври 1941, Денот на народното востание (8.9.1945) музејот го промовира проектот „Катче на сведоштва“ од Годишната програма во областа на музејската дејност и заштитата на нематеријалното културно наследство.

Со проектот се реализира технолошко осовременување и дополнување на постојаната поставка „Македонија во Втората светска војна“, интегриранo во темата „Лична и семејна историја“,  кое на посетителите ќе им овозможи интерактивно, но и лично доживување на историското и културното наследство.

Изработен е краток интерпретативен филм со документарна вредност „Одгласи на една хероина“,  посветен на Вера Циривири-Трена (21.05.1921, Прилеп – 15.07.1944, Штип) македонска комунистка и истакната организаторка на антифашистичката и Народноослободителната борба во Македонија за време на Втората светска војна.

Животната приказна на Вера Циривири -Трена оживува преку автентичните сеќавања и сведоштва на нејзините соработници и членови на семејството, како и учесници во антифашистичката и Народноослободителната борба. Нивните гласови го пренесуваат споменот за нејзиниот живот, храброст и посветеност, поврзувајќи ја личната приказна со историското време во кое таа живеела и дејствувала.

Промоцијата на проектот се реализираше во соработка со учениците од втора и трета година од Математичко-информатичката гимназија МИГ од Скопје, кои имаа можност премиерно да ги слушнат директните сведоштва на соборците и членовите на семејството на Вера. Во креативната работилница под водство на авторката Трајкова Крстиќ и професорката Анета Станковиќ-Мирковска, преку непосредно и лично музејско доживување, учениците стекнаа продлабочени знаења и нова перспектива на приказната за македонската хероина чиј животен пат е нераскинливо врзан со борбата за државност и слобода во НОБ.

Автор и раководител на проектот е м-р Данијела Трајкова Крстиќ, виш кустос историчар.

Проектот е поддржан во Годишната програма за национален интерес на Министерството за култура и туризам за 2026 година.

Фотографија и видео: Игор Димовски

Scroll to Top