Изложбата „Арсениј Јовков за Македонија, со пушка, перо и објектив“ беше отворена на 27 септември во НУ Музеј на македонската борба за самостојност.
На отворањето на изложбата се обратија в.д. на музејот Анче Илиевска, директорот на поштенски операции во Пошта на Северна Македонија, Бојан Кереместевски, д-р Билјана Ристовска Јосифовска од Институтот за национална историја, како и претставниците на семејството – Олга Манчевска и Алојз Роп.
Со изложбата се одбележуваат 140 години од раѓањето и 100 години од смртта на Арсениј Јовков, македонски револуционер, сценарист и публицист. Изложбениот материјал содржи весници од фондот на музејот, донација од лични предмети од семејството на Арсениј Јовков, копии од лични ракописи и друго.
Покрај изложените експонати, изложбата опфаќа и проекција на филмот „Македонија во слики“ од 1923 година, чиј сценарист е Арсениј Јовков како и видео презентација на фотографии од фондот на Арсениј Јовков на МАНУ.
Во чествувањето се вклучува и Пошта на Северна Македонија со промоција на пригодна филателистичка марка со ликот на Арсениј Јовков.
На отворањето, публиката имаше можност да го слушне текстот „Нашиот патрон Арсениј Јовков“, презентиран од Теодора Чивлачка, Јована Ѓуровска и Нарин Адемовиќ, ученици во Средното економско и правно училиште Арсениј Јовков од Скопје.
Изложбата е во организација на Музејот на македонската борба за самостојност и семејството на Арсениј Јовков и ќе биде поставена до 8 октомври. Координатор на изложбата е Александар Тодоровски, кустос, а во реализацијата учествуваат – Марија Коробар, Ана Вишинова, Елизабета Марковска, Драган Јовановски, Лиљана Ангелевска, Марика Стеваноска, Марина Миленковска, Страхил Петровски, Габриела Постолова-Бошкова и Илија Василески.
Арсениј Јoвков е роден е во струшкото селото Селци, на 25 март 1884 година. Завршил гимназија во Битола. Уште како ученик почнал да пишува поезија, речиси истовремено со Војдан Чернодрински. Сè уште средношколец, Арсениј се враќа во Дебарско и влегува во Македонската револуционерна организација. Во 1903 година учествува во Илинденското востание како секретар на војводата Тасе Христов. Се бори во Дебарца и Кара Осман, а по загинувањето на неговиот брат Нико Јовков, Арсениј станува војвода на неговата чета. По востанието емигрирал во Бугарија. Убиен е во Горна Џумаја денешен Благоевград од страна на терористите на Ванчо Михајлов во 1924 година.












