Од семејно до институционално културно наследство – семејството Шабан

Изложбeната експозиција ја сочинуваат донирани лични предмети од движно материјално и нематеријално културно наследство во временски интервал подолг од 200 години.

Музејските предмети класифицирани во категориите: лични, домашни покуќнински и метални предмети нè носат низ спомените на три генерации, претставници на семејството Шабан, чија дејност и долгогодишна посветеност била одликувана прво кон Дојранската Кааза, а потоа и кон скопската заедница.

Нивната семејна историја се простира низ четири државни системи на една иста територија и го прикажува придонесот на носителите на презимето Шабан кон професионалниот политички и социјален живот.

Карактеристиките на музејските предмети се повеќеслојни и го пренесуваат моментот кога интимниот семеен зазема нов, музејски простор. Тогаш, пред нас, покрај професионалниот аспект од животот на мажите од семејството Шабан, се доловува улогата на жената и нејзината позиција во општеството во XIX и XX век. Оваа семејна нарација се трансформира од секојдневна традиција и култура во културна меморија грижливо негувана, зачувана, а денес и презентирана пред пошироката публика.

Музејот на македонската борба за самостојност континуирано ги негува донаторските контакти и силно верува дека довербата која ја гради во комуникацијата со публиката се основа за успешна промоција и заштита на културното наследство. Токму затоа се надева дека оваа изложба ќе биде поттик за некои идни донации кои ќе го збогатат музејскиот фонд. Оваа изложба доби музејски контекст, благодарејќи на донацијата на Џанѓул Шабан, ќерка на д-р Халид Шабан, кон која искажуваме неизмерна благодарност.

Од семејно до институционално културно наследство - семејството Шабан

1.ПОТЕКЛО И ГЕНЕЗА

Семејството Шабан води потекло од Турците Јуруци, номади од областа Коње во Турција, населени на територијата на Македонија кон крајот на XIV век. При нивното доаѓање во прекрасниот крај со медитеранска клима, низ текот на Вардарската Долина, под Демиркаписката Клисура со способност нa брзо приспособување, својствен за Турците Јуруци, се вклопиле во средината каде што создале свои родни огништа. Најстар член за кого имаме податок е Шабан Болукбаш (1798 – 1878), учесник во Османлиско-руската војна на Крим, каде што во Севастополската битка е ранет, а подоцна со царски ферман е поставен за чувар на Демиркаписката Клисура. Потомок на Шабан Болукбаш е Халил Шабан (1848 – 1923), кои и двајцата нe воведуваат во музејската нарација.

2. ЖИВОТНИОТ ПАТ НА МУСТАФА ШАБАН

Мустафа Шабан (1883-1923), роден во селото Аразли (кое денес не постои), земјопоседник, трговец, со врски од Солун до Загреб, а последните 16 годini и претседател на Дојранската каaза. Својот работен век го поминал во Кралство на СХС и Кралството Југославија. Тој, исто како и неговиот син, бил одликуван од државата во која дејствувал. Одликуван е со орден „Св. Сава“ и „Југословенска Круна“, од Кралот Александар Караѓорѓевиќ, за успешно раководење со територијата на Дојранската каaза, пределот на Валандово, Струмица и Гевгелија и селата во тој регион. Дел од овој историјат може да се види од донираните предмети, односно муровите, пасошот и куранот, која ја определуваат неговата верска и општествена позиција.

3. СЕКОЈДНЕВИЕ И ТРАДИЦИЈА

Мустафа Шабан, трговец и бирократ, работел во канцeлариски амбиент и со посебно ѕвоно го повикувал својот помошник.

Покрај професионалниот ангажман, го гледаме и секојдневието на семејството Шабан преку традицијата на пиење кафе и чај. Кафето е подготвувано на жар, а послужувано во посебен сет за гости, трговци, ортаци или соселани. Најчесто се користеле бакарни, калаисани садови и ѓумчиња во кој се затоплувала водата. Ладната вода се пиела од посебни метални чаши. Домаќините најмногу го користеле кандилото за осветлување на патот во дворот, приодот до летната кујна, подрумот или друга просторија. Тука несомнено мора да ја нагласиме и улогата на жената, мајка и домаќинка, која грижливо и посветено ги врши семејните обврски.

4. ЖИВОТОT И ДЕЛОТО НА ХАЛИД ШАБАН

Д-р Халид Шабан е роден 1928 год. во с.Удово. Основното образование го завршил во своето родно место, а средното образование го стекнал во Струмица и Гевгелија. Високо образование, односно медицински факултет завршува на белградскиот и скопскиот универзитет. Во Белград, Љубљана и Германија специјализирал и се стекнал со звање лекар-трауматолог, ортопед. Љубовта кон медицината и несебичното помагање на луѓето биле приоритет за младиот Халид Шабан. Посветен на својата професија, како лекар трауматолог и ортопед е признат и почитуван од своите колеги и пациенти. Стручно се усовршувал на конгреси, а бил и именуван за шеф на одделот за трауматологија во градската општа болница “Св. Наум Охридски ” во Скопје, кој успешно го водел осум години. Во декември 1988 год., во Гњилане, Србија на негова иницијатива е основано одделение за ортопедија, хирургија и трауматологија, каде работел до 1993 година кога и се пензионирал.

5. ЗА СОЛИДАРНОСТА, ЗАЕДНИШТВОТО И ХУМАНОСТА

Солидарноста и заедништвото се водилка во животот на д-р Халид Шабан. Учествува во изградбата на автопатот Братство-Единство, како физички работник и како медицинско лице во третирање на повредените. Несебичноста и посветеноста како лекар доаѓаат до израз за време на скопскиот земјотрес 1963 год., кога со денови останал во Градската болница и заедно со другиот медицински персонал им помагал на повредените граѓани. Бил дел и од тимот за поставување на полски болници заедно со екипите од Република Турција. За оваа негова пожртвуваност е награден со Орденот на трудот со сребрен венец, кој прави целина со Указот бр. 228 од претседателот на СФРЈ за одликување. Плакетата Црвен крст на Македонија му е доделена за признание и благодарност за долгогодишна работа и особени успеси за ширење на здравствената култура кај населението, развивањето на хуманизмот и солидарноста меѓу луѓето и за унапредување на Црвениот крст. Долги години како лекар ги придружувал спортистите на СД „Слога“ од Скопје на сите нивни натпревари и е одликуван со Плакета 1977 „50 години СД Слога“.

Постојано укажувал на тоа дека „заедничкото минато е залог за иднината“ и дека „безбројни се примерите на самопрегор и одважен комшиски живот со меѓусебно помагање во тешки времиња“. Во едно интервју ќе истакне дека е понесен од идејата дека никако не треба да дозволиме со векови стекнатата традиционална поврзаност меѓу Турците и Македонците во Македонија да се злоупотреби за делби. Сметал дека треба да се цени човечката свест и личност, овозможувајќи солидарен живот како основа на секоја државна градба. Со овие мисли и убедувања во 1994 год. со собрани 12 000 потписи, а поддржан од Турската демократска партија, поднесува кандидатура за избор на претседател на Република Македонија.

Автор на изложбата: Елизабета Марковска, кустос етнолог

Реализација: Александар Алексовски, Лиљана Ангелеска, Марика Стеваноска, Александар Клинчески, Стефан Трпковски, Василија Чали, Драган Јовановски, Мухамед Реџиќ, Александар Тодоровски и Габриела Постолова.

Scroll to Top
Skip to content