Изложба во чест на Денот на независноста, 8 Септември

Во чест на Денот на независноста, 8 Септември, НУ Музеј на македонската борба за самостојност ја подготви изложбата „33 години државна независност и 13 години Музеј на македонската борба за самостојност“.

Изложена е селекција на активностите на музејот во неговата 13 годишна работа во делот на изложби, едукација и пристапност на музејот. Посетителите ќе имаат можност да видат и примероци од издавачката активност, како и видео материјали од отворањето на музејот. На 8 септември 2011 година, со свечено положување на Декларацијата за независност на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, музејот ги отвори своите врати за посетителите.

Прикажан е и преглед на клучните настани од почетоците на повеќепартискиот систем, периодот на распаѓањето на федеративната држава Југославија, како и настаните пред, за време и по референдумското изјаснување на граѓаните за независна и суверена Република Македонија на 8 септември, 1991 година, пропратени со документарни и видео материјали.

Повеќе детали за овој период и во посебната презентација подготвена од м-р Илија Василески, водич во музејот, којашто може да се преземе од следниот линк – ПАТОТ КОН НЕЗАВИСНОСТА.

Координатор на изложбата е Владо Кузмановски, музејски водич, а во реализацијата учествуваа Дарко Трпевски, Илија Василески, Василија Чали, Марија Коробар и Габриела Постолова-Бошкова.

Изложбата „33 години државна независност и 13 години Музеј на македонската борба за самостојност“ ќе биде отворена за посета до крајот на септември.

Scroll to Top