Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, 8 Март, Музејот на македонската борба за самостојност ги претставува жените делегати на Првото заседание на Aнтифашистичкото собрание на Македонија – Мара Нацева, Веселинка Малинска, Вера Ацева, Маца Карбева, Милена Сабо и Лилјана Чаловска. Повеќето на возраст од само 20 до 25 години храбро ја презедоа одговорноста на едно конкретно историско време, афирмирајќи ја жената како рамноправен и достоинствен учесник во поставувањето на темелите на македонската државност.
Мара Нацева (28.09.1920 Куманово – 1 јули 2013 Куманово) македонска комунистка, партизанка, првоборец, народен херој, организациски секретар на КПМ, член на Иницијативниот Одбор за свикување на АСНОМ, делегат на АСНОМ, делегиран член за Президиум на АВНОЈ, потпретседател на Централниот одбор на АФЖ на Југославија, носител на повеќе високи општесвени функции по ослободувањето.
Во младоста се вклучила во синдикалното и револуционерното движење, а во октомври 1940 година присуствувала на Петтата земска конференција во Загреб, каде што, заедно со Перо Тиквар, ја превеле на македонски јазик паролата „Пролетери од сите земји, обединете се!“. Во 1941 година, активно се вклучила во организирањето на отпорот против фашистичката окупација. Во текот на војната била повеќепати прогонувана и затворана. Најдолго престојувала во логорот за жени во Асеновград. Во март 1943 година, во нејзино отсуство, таа била избрана за организационен секретар на Комунистичка партија на Македонија. Во 1943 година била член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Како делегат на Првото заседание на АСНОМ свечено се обратила пред Собранието во име на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ).
Лилјана Чаловска (1920, Битола – 1997) македонска комунистка, партизанка,првоборец и поетеса. Таа е член на КПЈ од 1940 година. Била еден од организаторите на Првиот конгрес на Народноослободителниот младински сојуз на Македонија во Фуштани и негов раководител. Како делегат на Првото заседание на АСНОМ свечено се обратила пред Собранието во име на младинскиот сојуз. Делегирана е за член на АВНОЈ. Автор е на неколку збирки поезија.
Веселинка Малинска (4.1.1917 Куманово – 12.11.1987 Скопје) македонска комунистка, партизанка, првоборец, делегат и втор секретар на работното претседателство на АСНОМ, уредник на списанијата „Илинденски пат“, „Македонка“, „Нова Македонија“. По ослободувањето била секретар на Главниот одбор на АФЖ за Македонија, директор на Радио Скопје и носител на повеќе високи општесвени функции на републичко и сојузно ниво.
Во школските денови се вклучува во младинското револуционерно движење. Член е на Сојуз на комунистичка младина на Југославија (СКОЈ) од 1933 г., а на КПЈ од 1936г. Активен учесник е во Втората светска војна од самиот почеток. При реорганизацијата на Месниот Комитет на КПЈ за Скопје во февруари 1942, избрана е за секретар, а членови на комитетот се: Цветан Димов, Перо Наков, Лилјана Чаловска, Маца Карбева и Александар Стефановски. Во мај 1942 г. почнува да се печати илегалниот орган на Месниот Комитет на КПЈ за Скопје „Весник“, каде Малинска е уредник и автор на статии. Во средината на октомври 1942 г. од страна на Специјалниот воен суд се носи пресуда во нејзино отсуство, по што таа преминува на работа на терен. Како резултат на целокупната народноослободителна борба, таа е учесник – делегат и втор секретар на работното претседателство на АСНОМ.
Милева Сабо (1908 -) македонска комунистка, партизанка, првоборец. Таа е една од основачите на женска напредна организација „Женско движење (покрет)“- во Скопје, февруари 1939. На иницијатива на движењето се одржува собир на кој Милева Сабо се залага за жената да добие право на глас (октомври 1939). Борбата за поголеми права на жената продолжува да ја унапредува и како член на Комисија за работа меѓу жените при месниот комитет на КПЈ за Скопје (почеток на август 1940). Во текот на војната првично е член на месниот комитет на КПЈ за Скопје (јули 1941-октомври 1941), а подоцна и заменик политички комесар на Кумановски партизански одред (21.03.1944).
Поради силната активност во народноослободителното движење била затворана (1941), a потоа се води судски процес за неа во кој иако е ослободена поради недостиг на докази, во текот на истиот месец по друг основ е интернирана во Бугарија (мај 1942). Делегат е на Првото заседание на АСНОМ. На конститутивната седница на АФЖ (15.12.1944) кога е избран е Главен одбор на АФЖ се формира и Одбор на АФЖ за Скопје – каде покрај Милева Сабо како работничка од Скопје, членови се и: Нада Богданова – правник од Скопје, Лилјана (Манева) Савелиќ – студентка од Скопје, Касвер Шукри – студeнтка од Скопје.
Вера Ацева (1919 Ореовец, Прилеп –2006, Скопје) македонска комунистка, партизанка, првоборец, народен херој, делегат на АСНОМ, градоначалник на Скопје. Револуционерните традиции во семејството Ацеви и гимназискиот амбиент во која таа се образува влијаат во интелектуалното и морално профилирање на Вера Ацева. Таа од 1935 г. станува дел од напредното младинско движење, а од 1939 г. член на КПЈ. На 8.9.1940 година на Покраинската конференција на КПЈ за Македонија избрана е за член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Од септември 1940 до ноември 1941 г. е секретар на Месниот комитет во Прилеп. Во овој период се истакнува нејзината работа раководејќи го Воениот комитет во Прилеп, интензивирајќи ги подготовките на вооруженото востание, со што директно се придонесе до формирање на Првиот прилепски партизански одред. По исходот на Прилепскиот одред делува во илегала. На почетокот од декмври 1941г. илегално ќе престојува во куќата на Боро Арсовски во Скопје, заедно со други прилепски партизани. Во текот на август 1942 г. станува секретар на Месното партиско раководсво (скопско), а за членови биле избрани: Томе Стефановски, Нада Богданова, Благоја Николовски и Томе Стефановски. На 28.02.1943 во станот на Нада Икономова на ул.Максим Горки во Скопје, се одржува состанок на кој се носат повеќе одлуки меѓу кои и формирање на ЦК на КПЈ за Македонија и поделба на територија на вардарската Македонија на пет области и пет оперативни зони. Во август 1943г. е формиран Областен Комитет на КПМ за Скопската област во чиј состав влегува и Вера Ацева. Истата година Вера Ацева станува комесар на Шарскиот партизански одред, а при формирањето на Првата македонско-косовска бригада на 11 ноември 1943 година, таа е назначена на позицијата заменик-политички комесар, сѐ до јануари 1944 година, кога ја добива функцијата политички секретар на Третиот и на Четвртиот областен комитет на КПМ. По интензивната револуционерна борба таа се втемелува и во македонската државност како делгат на АСНОМ. По ослободувањето дел е од општествено политичкиот живот како носител на раководни функции на сојузно и републичко ниво. Траен белег остава и функцијата прва жена градоначалник на Скопје (1948-1949), но и раководењето на министерските места за земјоделство, за народно здравје и социјални грижи. Исто така била пратеничка во повеќе свикувања на Собранието на НРМ и на СФРЈ.
Маца Карбева (20.08.1919 с.Фојница – Велешко) македонска комунистка, партизанка, првоборец, дел од феминистичкото движење во меѓувоениот период и една од организаторите на прославата за 8 Март во Велес во 1937г. Станува член на КПЈ пред војната. Во текот на јануари 1942 г. е дел од скопската партиска ќелија. При реорганизацијата на Месниот Комитет на КПЈ за Скопје во февруари 1942, Веселинка Малинска е избрана за секретар, а членови на комитетот се: Цветан Димов, Перо Наков, Лилјана Чаловска, Маца Карбева и Александар Стефановски. Како член на Третиот Областен комитет учествува во многубројни акции кои го менувале текот на НОБ. По интензивната револуционерна борба таа се втемелува и во македонската државност како делегат на АСНОМ.
Библиографија:
Весковиќ-Вангели Вера, Осми март и напредното движење на жените во Македонија, Скопје,1985
Најдовска Јасмина, Историја на секојдневниот живот во Велес меѓу двете светски војни, Универзитет Св.Кирил и Методиј, Филозофски факултет, Скопје, 2006
Извори за ослободителната војна и револуција во Македонија 1941-1945, Скопје,1983
Скопје во НОБ 1943-1945, Скопје, 1980
Хронологија на Скопје работничкото и народноослободително движење 1939-1945, Архив на Скопје,Скопје, 1974
Фотографии од музејска збирка „Македонија во Втората светска војна“ на НУ.Музеј на македонската борба-Скопје
Фотографии од музејска збирка „ Народноослободителна борба“ на НУ. Музеј Куманово
Подготви: м-р Данијела Трајкова-Крстиќ, виш кустос








