Европската мода на црногорскиот двор

Во присуство на голем број гости, политичари, претставници на дипломатскиот кор, колеги и соработници, на 17 април 2019 (среда) свечено беше отворена изложбата Европската мода на црногорскиот двор – рефлексии на Народниот музеј на Црна Гора.
Меѓу бројните гости на отворањето присуствуваа и претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменикот-министер за култура Владимир Лазовски.
Во пријатна и реклаксирана атмосфера, најпрво на присутните им се обрати директорката на НУ Музеј на македонската борба, Даниела Николова која, меѓу другото истакна:
„Изложбата Европската мода на црногорскиот двор – рефлексии, која ја реализираме со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, има цел да направи мал историски пресек на модните изрази на кралска Црна Гора, доловувајќи ја есенцијата на животот, општествените прилики и историјата на едно минато време на Балканот, но и во Европа“.
Директорката на Народниот музеј на Црна Гора, д-р Анастазија Мирановиќ, ги поздрави присутните и потенцираше дека „експонатите од дворската ризница за прв пат ќе бидат изложени надвор од границите на Црна Гора, токму овде во Македонија, пријателска земја со која делиме заеднички балкански простор“.
Министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ, се заблагодари на партнерите во реализацијата на изложбата и посочи дека „оваа изложба нуди поглед на династијата Петровиќ низ поинаква визура, која ни открива дел од она што припаѓало на приватната и протоколарна историја на Петровиќи. Водејќи се со амбиција која е насочена кон осветлувањето на тој сегмент на владетелската династија, кустосите на оваа поставка ни овозможија увид во колекцијата на облека на нивните членови, која се чува во Народниот музеј на Црна Гора“.
Министерот за култура на Република Северна Македонија ја прогласи изложбата за отворена со уверувањето дека „изложба ќе биде и голема провокација за научната и за стручната јавност кај нас, кои преку студиозниот пристап на изложените експонати ќе имаат можност да дадат ново толкување на веќе познати историски настани и ликови од минатото, со што ќе предизвикаат голем интерес кај музејските посетители во земјава“.
Специјални гости на изложбата беа квартетот „Филхармонија“ кои исполнија две дела од П.И. Чајковски и Д.Шуплевски.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија во рамки на Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за 2019г., а во реализацијата помогнаа Министерството за култура на Црна Гора и Амбасадата на Црна Гора во Скопје. Посетителите можеа да ја погледнат до 17 јуни 2019г.

Scroll to Top
Skip to content