Во чест на Гоце Делчев, апостолот на Македонија

На 4 мај 1903 година во Баница загинал Ѓорѓи Николов Делчев (р. 4 февруари 1872, Кукуш) – великан, идеолог, стратег и национален херој, претставник на македонската интелигенција, авангарда која ја одбележа македонската револуционерна борба на крајот од 19. и 20. век.

Поштенската картичка – мотив протрет на Гоце Делчев – печатена во црно-бела техника, на почетокот од 20 век со димензии 14×9 см (вл.бр.339) На задната страна од картичката има назив Carte Postale и натпис И.К.Б.130

Во сите фази – како ученик во Солунската гимназија, дипломец на военото училиште во Софија, просветител и револуционер останал верен на револуционерниот концепт за ослободување на Македонија. Природниот стремеж за создавање на своја македонска држава и денес е лесно видлив во содржината на Уставот (1896) чии креатори се токму првите задграничните преставници на ТМОРО, Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Изворните принципи за слобода се потврдуваат и во особено два значајни документи за Организацијата, специјалниот циркулар (Окружното) на Централниот комитет на ТМОРО (1898) и Правилникот за околиските чети, изработен од Ѓорче Петров и Гоце Делчев во согласност со член 11 од Уставот на ТМОРО (1900). Со Окружното бил даден знак за формирање околиски револуционерни чети, а со Правилникот била конкретизирана улогата и мисијата на четата како неразделен дел на Организацијата. Главната улога, пак, во конципирањето и разгранувањето на четничкиот институт имал токму Гоце Делчев.

 Современиците од илинденската епоха оставија низа сведоштва кои пред нас го разоткриваат човекот Гоце Делчев како „ визионер кој активно делува за вклучување на македонските селани во ТМОРО како најброен човечки потенцијал, праведен пред слабите, борец во срце, истраен, со убедлива реч, но и невнимателен кон своето здравје“. За големината на неговиот карактер и денес наоѓаме потврда во бројни мисли искажани и од него. Во овој контекст, акцентираме еден негов говор во кој тој ги истакнува принципите од кои се раководела ТМОРО во борбата за ослободување на Македонија, констатирајќи дека Организацијата не се стреми да им даде само оружје во рацете на луѓето, туку и да го разбие нивниот потчинет, робски дух. Говор чија содржина е директно поврзанa со афирмираната мисла „Револуцијата во свеста, срцето и душата на еден ропски народ, знајте, дека е највелика работа“ (1901г).

Вооружена акција кај реката Ангистa

 

Постојат низа настани кои го одбележуваат неговото делување, а еден од поголемите историски настани кој се случува ноќта 18 наспроти 19 април/ 31март/1април 1903г. е вооружена акција кај реката Ангиста. Знаете ли дека во богата содржина на музејската експозиција е претставена токму оваа акција? (фотографија десно)

Сведоштво оставено од Пеју Јаворов во Биографијата на Гоце Делчев се однесува токму на оваа вооружената акција, но и издавањето на хектографското списание „Свобода или смрт“.

Списанието „Свобода или смрт“ се издавало три месеци од 10 февруари – 12 април во вкупно 12 броја во 1903 година. Весникот е уредуван во директна комуникација на Гоце Делчев и Пеју Јаворов. Во создавањето на содржината дирекно учествувал и препишувачот, учителот од Кукуш, Мицо Кирилиев. Во писмо од 25март/7април по извршената акција кај мостот кај Ангиста, Гоце му пишува на Јаворов: „Брате П(еју), го урнавме мостот кај Ангиста и тунелот што е близу до него; на едно место го прекинавме и колосекот, а на две места и телеграфските жици… Кога ќе пишуваш во весникот во врска со извршеното, не пишувај дека е од четата, туку од онаа сила воопшто, која се наоѓа во целата земја под името Тајна револуционерна организција“. Во бројот 10 од 7 април 1903 г. на весникот „Свобода или смрт“, Јаворов ја опишува акцијата која ја водел Гоце и ја исполнува неговата повелба пишувајќи: Ангиста во нашата борба значи почеток на судбоносниот крај на Турција. Затоа нека знае султанот: АНГИСTА Е ДЕЛО НА ТАЈНАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА

За 4 мај 1903 во селото Баница, Серско

 

Денес, повеќе од сто години подоцна едно од најчестите прашања поврзано со Гоце Делчев е: Што навистина се случи на 4 мај 1903 во селото Баница, Серско?

Пано од музејот на кое е претставена и Телеграма на Солунскиот валија Хасан Фахми од 5/6 мај 1903 г

На 19 април/2мај 1903г. Гоце пристинал во Баница. Престојувал во куќата на Георги Трендафилов, чиј дом бил соѕидан од камен, со простран двор, ограден со камени ѕидини, а лоциран во долниот крај на селото. Но на изгрејсонце на 21април/4мај селото веќе било опколено османлиските воени сили. За настанот детали и денес може да прочитаме во расположливата и веќе објавена документација кај нас – спомените на преживеаните, архивските документи, како и сеопфатни анализи во македонската историографија. Статистичките податоци во историските извори не се единствени по прашањата за времетраењето на битката, бројот на починати како и исходот од истата. Сепак земајќи ги во предвид сите расположливи информациите како најоптимално се смета дека: четата која делувала во казата Серез, село Баница (денес Карие) оддалечено два и половина часа на североисток од Серез, броела дваесет и еден член. Во екот на битката директно се вклучило и локалното население, поради што во некои од османлиските документи се известува дека бројка на четата изнесувала 70 до 80 члена. Судирот траел од петнаесет до триесет часа, а во исходот од битката османлиските власти известуваат за единаесет убиени бунтовници, бројка во која веројатно се вклучени и дел од убиените селани. Компаративно споредено со останатите историски изворите се знае дека освен војводата на четата Делчев кој бил погоден уште на почетокот од престрелката, загинале и војводата Гоштанов и четири комити. Еден борец бил ранет и заробен од војската.Четири селани биле убиени. Покрај човечки жртви нотирани се и материјални штети -изгорени 124 куќи. Загубите кај Царската редовна и резервна војска биле 5 убиени и 8 ранети војници.

За убиството на Гоце Делчев, можеби и денес одредени аспекти остануваат под „превезот на таинственоста“. Во миговите кога во Кукуш Султана го подготвувала петолебието со жито во чест на претстојниот именден на Гоце 21 април/4 мај „Ѓурѓовден“, мајката се соочила со ненадминлива загуба. Денес, пак, 117 години подоцна, ликот и делото на Гоце Делчев претставуваат автентичен израз на величествена борба на македонскиот народ борба за слобода, независност и самостојност.

Наместо заклучок:

Како апотеоза на македонската борба за слобода и државност потврдува и фактот што ликот на Гоце Делчев се споменува и во македонската национална химна, која настанала кон крајот на 1941 година, а официјално е усвоена во 1992 година.

Подготвил: Данијела Трајкова Крстиќ, кустос

Scroll to Top
Skip to content