Вера Циривири-Трена (21 мај 1921, Прилеп – 15 јули 1944, Штип) била македонска комунистка и истакната партизанка, организаторка на антифашистичката и Народноослободителната борба во Македонија за време на Втората светска војна.
Во втората половина на 1930-тите години таа започнала постепено да го гради и својот ревоуционерен профил, вклучувајќи се во активностите на Трезвената ложа и на Културно-уметничкото друштво „Абрашевиќ“ во Прилеп, преку кои се отворале можности за нејзино културно, општествено и политичко едуцирање. Непосредно пред почетокот на војната таа работела на организација на работнички штрајкови, илегална достава на литература, летоци и соработува со женското движење.
Во 1940 година Вера Циривири станува член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ). Во 1941 година, била назначена за секретар на Месниот комитет (МК) на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ) во Прилеп, а од 1942 година била раководител на истиот комитет. Во овој период, таа активно работела на организирање на средношколската и работничката младина, формирање нови скоевски групи и кружоци, како и на создавање одбори и обезбедување храна, облека, оружје, муниција и друг материјал неопходен за ширењето на Народноослободителната борба и антифашистичкото движење.
Есента 1942 година, по продолжувањето на нејзината партиска и организациска дејност во Битола, Вера Циривири била избрана за политички секретар на МК на КПЈ во Битола.
Во 1943 година, со формирањето на III Обласен комитет на КПМ, Вера Циривири била избрана за негов член, каде што работела со младината и на развивање на партиската организација во Кавадарци. По мај 1943 година, била поставена за заменик-политички секретар на III Обласен комитет на КПМ .
На почетокот на јануари 1944 година, Вера Циривири пристигнала во Штип како инструктор на ЦК на КПМ при IV Обласен комитет. Во мај 1944 година, во рамките на подготовките за Првото заседание на АСНОМ, по насоки на ЦК на КПМ била задолжена за определувањето и испраќањето на делегатите од Штип и Штипско.
Податоците од личните предмети и документите во музејската збирка но и историските извори, покажуваат дека Вера Циривири во текот на НОБ користела повеќе псевдоними меѓу кои Мица, Ленче, Светлана и најпрепознатливиот Трена. Исто ја среќававаме и под лажни идентитети – Елена Бартова и Цветанка Димитрова Манева.
Во јули 1944 година, Вера Циривири учествува во организирањето на излегувањето на младинци од Штип во Плачковичкиот одред. По нивното заминување, следеле репресии и разоткривање на дел од илегалната мрежа. Во такви околности, на 15 јули 1944 година, Вера била откриена и опколена во илегалниот дом во Штип. Во обид да го избегне заробувањето, пружила отпор но нејзиниот живот завршил со херојска смрт, оставајќи траен белег во историјата на Народноослободителната борба во Македонија.
На 29 ноември 1950 година Вера и сестра и Нада Циривири се постхумно одликувани со „Споменица на падните борци на Народноослободителната борба“.




