73 години од основањето на Сојузот на борци – Copy

На 26 мај, по повод 73 години од основањето на Сојузот на борците, беше одржан пригоден настан како дел од серијата свечености со кои годинава се одбележува големиот јубилеј – 80 години од Народното востание.

На покана од Сојузот на борците, НУ Музеј на македонската борба за самостојност се приклучи кон одбележувањето поставувајќи ја изложбата Градење на македонската државност во холот на Домот на АРМ. Директорката на музејот, Даниела Николова, пред присутните, меѓу кои и премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, ја претстави изложбата посветена на трите заседанија на АСНОМ со кои се удрени темелите на македонската држава.

 

Изложбата Градење на македонската државност е историско-документарно сведоштво во три тематски целини посветени на Првото, Второто и Третото заседание на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) – 2 август 1944 – 16 април 1945 г., и која е посветена на сите цивилни жртви и борците на антифашистичкиот отпор и народноослободителната војска, чии непокор и борбеност се втемелени во градењето на македонската државност.

По повод јубилејот, Сојузот на борците изложи и портрети на борци од НОБ и грижливо собирани предмети и материјали од нивните членови.

НУ Музеј на македонската борба за самостојност и Сојузот на борците и во иднина ќе ја продлабочуваат соработката на теми и поводи од заеднички интерес.

Scroll to Top
Skip to content