Спомени од Првата светска војна
Тематската презентација на воените случувања за време на Големата војна опфаќа разновиден документарен материјал – фотографии, лични сведоштва и богат фонд на музејски артефакти. Авторка на изложба е Данијела Трајкова-Крстиќ, кустос во музејот.
На отворањето, најпрво на присутните им се обрати директорката Даниела Николова која нагласи дека со оваа изложба низ автентична призма се презентираат два аспекта од војната:
– Едниот се воените случувања на Македонскиот фронт, а вториот, можеби позначаен аспект – да ја претставиме борбата на обичниот човек во воени услови. Изложбата е базирана на афирмирани и добропознати историски факти, како и научноистражувачки резултати кои го портретираат четиригодишниот конфликт. На секој посетител изложбата му овозможува да ги осознае динамичните процеси во предвечерјето, текот и завршувањето на Големата војна, рече Николова.
Францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, ја поздрави изложбата нагласувајќи дека во 1918 на Македонскиот фронт, со заземањето на Скопје заврши трагедијата што започна во 1912, кога народите од регионот зедоа учество во настани што им донесоа многу страдања, а тие самите одиграа улога која според историчарите честопати не беше докрај разјаснета. Овој дел од историјата останува да се истражи и повторно открие, како впрочем и голем дел од историјата на регионот, врз основа на вистинити факти, но и на толеранција и помирување.
Изложбата „Спомени од Првата светска војна“ е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија, кое ја препозна важноста и значењето на овие потсетувања за важни моменти од историјата. Изложбата ја прогласи за отворена, министерот за култура Асаф Адеми кој истакна дека:
-Денешното симболично потсетување на примирјето од ноември 1918 г. е важна историска лекција за сите. Со крајот на Првата светска војна се означи почетокот на нова ера на уредување на односите меѓу државите во светот, носејќи надеж за обнова, помирување, благосостојба и просперитет. На овие универзални вредности кои и денес се основа на нашите општества, ќе градиме подобра и посветла иднина за сите.
На отворањето на изложбата присуствуваа голем број соработници и гости, членови на дипломатскиот кор, меѓу кои и Н.Е. Рејчел Галовеј, Амбасадорка на Велика Британија во Македонија и Емануел Римбер, директор на Францускиот институт во Скопје.
Во стручната реализација на проектот учествуваа колегите од НУ Завод и музеј Битола, НУ Музеј на Македонија и Воениот музеј во Скопје д-р Мери Стојанова, д-р Александар Литовски, м-р Боро Бунтевски и Илија Цурев. Во реализацијата на изложбата учествуваа вработените од НУ Музеј на македонската борба - м-р Маја Миноска-Павловска, Дарко Трпевски, Владо Кузмановски, Стефан Трпевски, Панче Стефановски, Марика Пешевска и Лиле Ангелевска, Ана Вишинова и Даниела Митевска.