По повод 32 години од независноста, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за Култура организираат серија настани под слоганот „8 Септември – Гласник на слободата”.
НУ Музеј на македонската борба за самостојност се вклучува во одбележувањето на Денот на независноста, со посебна мултимедијална програма насловена како “Видео приказни од музејската архива” и слободен влез за сите посетители.
На 8 септември, на повеќе локации во музејот во периодот од 10 до 14 часот ќе бидат презентирани кратки музејски видео приказни на различни теми:
- Неколку нијанси женски приказни, видео омаж посветен на неколку исклучителни жени од македонската историја меѓу кои - Оливера Вера Јоциќ, Калипсо Налча, Роса Плавева и други;
- Музејски раритети;
- Илинден 1903 година;
- Спомени од Прва светска војна;
- Прогласување на независноста на Р.Македонија 1991 година;
- Донација на Семејство Шабан .
Во 12 часот, во Конференциска сала концерт ќе одржи Гудачкиот квартет „Луј“ од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ од Скопје, во состав Божана Гошева - прва виолина, Илија Јовчев - втора виолина, Никола Соколовски - кларинет, Александар Ицковски - виолончело, На програмата ќе бидат дела од Равел, Дворак, Пијазола и други.
Посетителите ќе имаат можност и да ја погледнат и привремената изложба „Темелник на државноста“, посветена на клучните настани во формирањето на државата - Илинден 1903, Илинден 1944 и прогласувањето на независноста во 1991 година.