
Везме
Везме - кутија за крпче со масло за подмачкување на оружјето
Инвентарен број: И/82 Датирање: XIX и XX век Материјал/техника: месинг со ремче, рачна изработка Димензии: ширина 4 см, висина 5 см, висина на декорација на капак 2,3 см Везмето спаѓа во групата воена опрема што се користела за чување платнено крпче и масло за чистење на оружјето. Изработено е во техника со гравирање филигран и гранулација. Има правоаголна форма, а на горниот дел има капак. На предната страна има издигнат дел во кружна форма, а средината е декорирана со издигнати точки што личат на четирилистен цвет. Околу него има гравирани геометриски прави линии. На четирите страни на везмето се забележува геометриска декорација со линии. Тоа е своевидна украсна рамка на предниот дел. Задната страна на везмето е рамна. На долниот дел има четири украсни висулци што завршуваат во форма на шилци. Тие се украсени со кружни елементи. Украсни висулци има и на двете бочни страни. На капакот на везмето има украс во форма на триаголник што е декориран со гравури –кругови, како и на висулците. Низ двете метални токи на бочните страни е протнато кожно ремче.