Панаѓурите во градските и руралните средини во Османлиска Македонија
На 20 јануари во холот на Музејот на македонската борба поставена е изложбата Панаѓурите во градските и руралните средини во XIX и XX век во Османлиска Македонија.
Врз основа на литературата, сите достапни извори и теренските истражувања, изложбата дава визуелен приказ на панаѓурите во градските и руралните средини во XIX и XX век, дефинирајќи ја временската рамка на нивниот постанок, развој и функционирање.

Тргнувајќи од пишаните историски извори, а завршувајќи со современите искуства, експозицијата во целост го отсликува развојниот пат на панаѓурите во руралните и градските средини. Панаѓурите како културна појава на нашата територија датираат многу одамна. Најголем дел се одржувале за време на религиозните празници, а покрај културното, тие биле и од големо стопанско значење кај народот. Претставуваат културно јадро, односно на панаѓурите престојувале трговци од другите земји, каде преку меѓусебни контакти се пренесувала културата од својот крај. За време на нивното одржување се организирале и разни свечености каде присуствувале народи од други земји.
НУ Музеј на македонската борба за самостојност, дава значаен придонес во сочувувањето и афирмирањето на трајните културни вредности преку музејските изданија, музејските публикации и видео презентации. Темата произлезе од потребата да се обработи оној дел од етнолошкиот музејски материјал, кој зазема значајно место во традиционалната материјална култура во Македонија.
Изложбата Панаѓурите во градските и руралните средини во XIX и XX век во Османлиска Македонија претставува сведоштво за првичните чекори од истражувањата кои ги направи музејот во делот на материјалното движно културно наследство, проект кој е поддржан од Министерството за култура, во областа на музејската дејност, објаснува директорката Даниела Николова.
Автори на изложбата се Дарко Трпески и Владо Кузмановски, музејски водичи од НУ Музеј на македонската борба, а надворешен соработник е етнокореологот Тијана Јаневска. Реализацијата на изложбата е во соработка со Ансамбл Македонија. Изложбата можете да ја посетите од денес, 20 јануари, до 1 март, секој ден освен понеделник од 10 до 18 часот почитувајќи ги протоколите за настани и мерките за заштита од Kовид.


