Европската мода на црногорскиот двор
На иницијатива на директорката м-р Даниела Николова, НУ Музејот на македонската борба за самостојност започна соработка со Народен музеј на Црна Гора. Изложбата Европската мода на црногорскиот двор - рефлексии, е резултат на успешната соработка со директорката Анастасија Мирановиќ и преставува своевиден модел за унапредување и зацврстување на меѓународната соработка во областа на музеологијата.

Со исклучителен ентузијазам ја организираме изложбата Европската мода на црногорскиот двор- рефлексии , чија цел е да направиме историски пресек на модните изрази на кралска Црна Гора, доловувајќи ја есенцијата на животот,општествените прилики и историјата на едно минато време на Балканот но и во Европа. Задоволството е уште поголемо , бидејќи со оваа изложба започнуваме период на соработка со нашите партнери / колеги од Народниот музеј на Црна Гора. Се надевам дека оваа соработка ќе биде силен катализатор за натамошното продлабочување на културните врски меѓу двете пријателски држави и народи.
Ексклузивната изложба Европската мода на црногорскиот двор - рефлексии, е резултат на успешната соработка со Народниот музеј на Црна Гора и претставува своевиден модел за унапредување и зацврстување на меѓународната соработка од областа на музеологијата. Свеченото отворање на изложбата е закажано за 17 април 2019 со почеток во 18 часот, на кое се очекува да присуствуваат и министрите за култура на Црна Гора и Македонија, Александар Богдановиќ и Асаф Адеми.
Експозицијата ни ја претставува збирката на облека од фондот на Музејот на Кралот Никола, која преку еманципирањето на членовите на владејачкото семејство Петровиќ, ги отсликува културните случувања и општествени состојби во Црна Гора на преминот од 19 во 20. век. Најголемиот дел од изложените примероци се дел од облека којашто им припаѓала на књегините Ксенија, Вера, Милица- Јута и Натали – Лили, верни следбенички на европската мода и трендови. Прикажаните свечени фустани претставуваат одраз на префинетоста, суптилноста, општествениот статус и европските прилики на црногорскиот двор на почетокот од 20. век. Експозицијата е дополнета со предмети и фотографии од овој краток, но исклучително возбудлив временски период, со што преку нови историски приказни ги следиме европските влијанија врз кралска Црна Гора.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на РС Македонија во рамки на Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за 2019г. Ќе биде отворена за посетители до 17 јуни 2019г.