На 17 август се одбележуваат 121 години од раѓањето на првиот претседател на современата македонска држава, Методија Андонов - Ченто. Еден од најсветлите ликови на македонската национална историја, чија животна борба е нераскинливо врзана со раѓањето и создавањето на македонската нација и држава.
Роден е во Прилеп во 1902 година, каде завршил основно образование и трговско училиште. Иако започнал со приватна трговска дејност (1926), бил национално-политички активен. Заедно со напредните опозициски политички партии се застапувал за легална борба за федеративно уредување на Југославија и за автономија на Македонија. Бил многупати апсен и осудуван за дејствување за слободна Македонија во предвоениот период од 1935 година, како и за време на бугарската окупација по 1941 година. До 1943 година бил затворан во Прилеп, Битола и во Бугарија, за во октомври да пристигне на слободната територија во Дебарца. Таму бил кооптиран за член на Главниот штаб на Народноослободителната војска, а потоа бил избран за претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.
Во јуни 1944 г. ја предводел македонската делегација (во состав: Ченто, Мане Чучков и Кирил Петрушев) на островот Вис, која на состанокот со Тито и со членовите на Националниот комитет за ослободување на Југославија го поставила прашањето за обединета Македонија. На првото заседание на АСНОМ (2. 8. 1944), при конституирањето на современата македонска национална држава, Методија Андонов-Ченто бил избран за претседател на Президиумот, врховно законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Демократска Македонија. По добиената вест за преговори на сојузниците со Бугарија за условите за нејзиното излегување од војната, Ченто се обратил (11.8.1944) со телеграма до Тито со барање да се постават македонските барања за Пиринскиот дел од Македонија. На функцијата претседател на Президиумот на АСНОМ бил избран и на Второто заседание на АСНОМ (29-30. 12.1944), а на Третото заседание (1945) бил избран за претседател на Народното собрание на ДФМ.
На собраниските избори бил избран за пратеник во Собранието на НРМ и во Собранието на Југославија. Неотстапно се застапувал за обединување на македонскиот народ и за поголема самостојност на ДФМ/НРМ во југословенската федерација. Поднел амандман на Нацртот на Уставот на ФНРЈ и во Уставот била внесена одредбата за правото на народите на самоопределување, вклучувајќи го и правото за отцепување. Потоа комунистичкото раководство го употребило целокупниот апарат против Ченто, обвинувајќи го дека бил противник на социјалистичка Југославија, македонски националист и сепаратист, реакционер, застапник за буржоаска демократија, а сето тоа било за да се изврши негово елиминирање од државното раководство пред претстојната Мировна конференција во Париз.
Под жестокиот притисок, на 14.3.1946 г. поднел оставка на сите функции. Се вратил во Прилеп и се подготвувал да емигрира во САД. Сакал да отпатува и во Париз во својство на дотогашен претседател на македонската држава на Мировната конференција да го постави барањето за обединување на Македонија со примена на правото на македонскиот народ на самоопределување. Бил уапсен на 14.7.1946 г. и обвинет за дејствување против Југославија, за обединување на Македонија под протекторат на САД. Бил осуден на казна затвор во траење од 11 години (23.11.1946), а потоа и условно ослободен (9. 1955). Починал во Прилеп на 24 јули 1957г. Во 1990 г. на барање на семејството покрената е постапка за судска рехабилитација. Окружниот суд во Скопје на 22.10.1990 г. ја укинал осудителната судска пресуда и донел решение со кое ја укинал судската пресуда од 23. 11.1946 г.